„Слобода превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници со што, поради непочитување на договорот, тој е раскинат

Град Скопје денеска го раскина договорот со здружението на приватните превозници „Слобода превоз“. Причината за раскинување на договорот, како што се наведува во соопштението од Град Скопје, е неисполнување на обврските кои произлегуваат од него.
„Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, ‘Слобода превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат“,
се додава во соопштението.
Градските власти велат дека следната недела ќе објават јавен повик на кој ќе може да се пријават сите приватни превозници кои сакаат да вршат превоз.
„Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми“,
додаваат од Град Скопје.
Од Градот убедуваат дека јавниот превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.
„Апелираме до „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета поради нерационалните барања на ‘Слобода Превоз’. Со уцени, нема договор“,
се додава во соопштението од Град Скопје.
На почетокот на минатиот месец Град Скопје го раскина договорот и со приватниот превозник „Макекспрес“. Причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, како што наведоа оттаму, е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
По дводневна пауза, денеска Координативното тело на приватните превозници најави дека утре со почеток од 6 часот наутро ќе ги блокира десните ленти од булеварот „Илинден“ од семафорите кај Владата до семафорите кај МИ-ДА во двата правци.
Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ посочи дека не сакаат да направат никаде проблем сè додека може да се поднесе оваа состојба.
Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, Јовановски не знаеше да каже, но нагласи дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат.
Ако нема решение, во понеделник овие 200 автобуси ќе се прегрупираат и ќе го блокираат сообраќајот од 6 часот наутро, ќе има целосна блокада на раскрсницата кај „Мавровка“, на раскрсницата кај „Црвен крст“ и на улицата Илинденска, додаде тој.
Јовановски повтори дека „Слобода превоз“ не била таа што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, посочи тој.
Минатата недела градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.