Причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, како што наведуваат оттаму, е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз
Јавното Сообраќајно Претпријатие – ЈСП Скопје, денеска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, а линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП Скопје со што транспортот на патници ќе продолжи непречено, соопштија од Град Скопје.
Причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, како што наведуваат оттаму, е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
„Со жалење мораме да констатираме дека Макекспрес до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки. Сите овие поплаки се истакнати од граѓаните, со што во целост се нарушува и имиџот на јавниот превоз во главниот град. Уште еднаш потенцираме, транспортот на патници на линиите кои досега ги сервисираше „Макекспрес“ ги превзема ЈСП Скопје со сопствени автобуси“,
се наведува во соопштението на Град Скопје.
Приватните автобуси од „Макекспрес“ од почеетокот на месецов не возат низ скопските улици поради неисплатен долг кон нив од Град Скопје и ЈСП. Како што рекоа од „Макекспрес“, долгот што во моментов изнесува е над 30 милиони денари.
Компанијата има 70-ина автобуси кои се дел од градскиот превоз и сообраќаат на линиите со број 19, 20, 22, 52 и 54.