Основниот кривичен суд Скопје објави дека на 13 октомври истекува законски предвидениот рок до кога на ексвицепремиерот Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, може да му биде изречена мерката куќен притвор, со оглед на тоа што обвинителниот предлог е поднесен на 13 август
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ попладнево реагираа во врска со објавата на Основниот кривичен суд Скопје – дека на 13 октомври истекува законски предвидениот рок до кога на ексвицепремиерот Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, може да му биде изречена мерката куќен притвор, со оглед на тоа што обвинителниот предлог е поднесен на 13 август.

Важен детаљ за случајот што треба да го знае јавноста, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е што обвинетите во случајот – Артан Груби и Перпарим Бајрами – се од времето на СДСМ и ДУИ.
„Овие лица се во ‘Државна лотарија’ од времето на Димитар Ковачевски-Таче, кога Артан Груби беше вицепремиер, а Перпарим Бајрами беше генерален директор на ‘Државна лотарија’, сега првообвинет во судскиот случај поврзан со финансиски злоупотреби и проневера во државната компанија. Лицата кои наместо дневниот промет од продажните места на Државна лотарија да го депонираат на трансакциските сметки на друштвото во банките, го присвојувале за себе“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ја обвини Владата и за двојни стандарди во борбата против криминалот и корупцијата, поврзувајќи го случајот на Груби со други случаи за кои вели дека било досудено во корист на поранешни функционери. Такви, како што велат, се пресудите за Груевски и Латас, како и пресудата за спас на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската партија обвини дека премиерот е тој што се меша во работата на судот и обвинителството.
„СДСМ не се меша во работата на судот и обвинителството. Тоа го прави арамијата. Арамијата најавува процеси, тужи, суди, пресудува. Прво го пречекаа (Артан Груби н.з.) со црвен тепих на граница. Потоа куќен притвор. Сега рок што истекува и гаранција за пасош. А, од кабинетот на арамијата Мицкоски, тишина. Сега, кога рокот истекува, кој е крив? Ако утре кажат СДСМ, лагата е спремна уште пред да ја изговорат. Обвинителниот предлог е од август. Рокот е согласно со законот, кабинетот е нивен, обвинителот е на нивен повик“,
велат од опозициската партија.
Од СДСМ ги повторија своите заложби за европска интеграција, независно судство и обвинителство, нагласувајќи ја поддршката за вклучување на европски експерти во реформите на правосудниот систем.
