Како што појаснуваат од Кривичен, согласно членот 470 од Законот за кривична постапка, притворот што му е определен на ексвицепремиерот во конкретниот случај може да трае најдолго 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог, што се случи на 13 август
Поради околноста со мерката за претпазливост, која ќе остане да важи и откако Груби во вторник следната недела ќе излезе од куќен притвор, неговата одбрана се повикала на членот 150 од Законот за кривична постапка и предолжила нејзино укинување во замена за гаранција
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, на 13 октомври излегува од куќен притвор, а преку својата одбрана понудил и гаранција од околу 336 илјади евра во недвижен имот за да му биде и укината мерката за претпазливост со која му е одземен пасошот.

Иако согласно Законот за кривична постапка, на Груби за точно една недела му истекува куќниот притвор, во сила и понатаму ќе остане онаа за претпазливост, односно за привремено одземање на патната исправа.
Како што појаснуваат од Кривичен, обвинителниот предлог по кој им се суди на Груби и на уште седуммина обвинети во предметот „Државна лотарија“ е поднесен на 13 август оваа година. Согласно членот 470 од Законот за кривична постапка, притворот што му е определен на ексвицепремиерот во конкретниот случај може да трае најдолго 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог.
Имено, бидејќи станува збор за обвинителен предлог, а не за обвинителен акт, роковите во постапката се скратени, а судењето го води судија поединец.
„Заради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година. Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена“,
велат од Кривичен.
Гаранција дека нема да избега
Поради околноста со мерката за претпазливост, која ќе остане да важи и откако Груби во вторник следната недела ќе излезе од куќен притвор, неговата одбрана се повикала на членот 150 од Законот за кривична постапка и предолжила нејзино укинување во замена за гаранција.
Одбраната, како што информираат од Кривичен, како гаранција понудила недвижен имот во вредност од 335 707 евра. Со неа, Груби треба да го увери судот дека тој ќе им биде достапен на органите на прогонот додека трае кривичната постапка против него.
„По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексдиректорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами, кој е првообвинет, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, и поранешните членови на Надзорниот одбор на Лотарија – Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди, во случајот „Државна лотарија“ се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски темринали за приредување електронски игри на среќа. Имено, според обвиненителниот предлог, тие во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања и овозможиле набавка на видеолотариски терминали иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа. Со ваквите активности тие, според допрецизираниот обвинителен предлог, предизвикале штета од 9,7 милиони евра.
Промената на квалификацијата на делото
Инаку, според истрагата која почна во декември 2024 година, Груби и Перпарим Бајрами првично се гонеа за кривичното дело проневера во службата, кое е потешко во однос на злоупотреба на службената положба и овластување и за него е предвидена казна од најмалку четири до максимални 20 години затвор.
Но, со поднесувањето на обвинителниот предлог, Обвинителството ја промени квалификацијата на делото во злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена максимална казна од една до пет години затвор. Ова е последица на контроверзните измени на Кривичниот законик што беа направени во септември 2023 и со кои беа намалени казните, поради што застареа десетици кривични предмети. Во јануари 2026 беа донесени нови измени на КЗ, со кои казните беа заострени, но не беа вратени на нивото од пред септември 2023 година.
Во објаснувањето за промената на квалификацијата се повикаа на доказите до кои дошле во текот на истражната постапка и кои, како што соопштија, се разликувале од првичните сознанија.

Груби се гони дека во својство на тогашен вицепремиер, претседавал со владината седница и, според ОЈО Скопје предложил оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“. Владата ја донела предложената одлука, па „Државна лотарија“ добила зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа, иако ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на задничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Инаку, Артан Груби и Перпарим Бајрами избегаа од државата уште пред Обвинителството официјално да отвори истрага.
Враќањето од бегство
Груби се врати дома на 23 февруари оваа година, кога се појави на граничниот премин „Блаце“, по што беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што му беше претходно определена. Сепак, во „Шутка“ се задржа само неколку часа. Беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, кое предложи, а судот прифати на бегалецот наместо затворски да му биде одреден куќен притвор. Објаснувањето на Обвинителството за ваквата одлука беше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле оти во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби.
На 9 септември, на истиот граничен премин се појави и Перпарим Бајрами, по кого, исто така, се трагаше со меѓународна потерница. Тој се врати во земјава нешто повеќе од десет дена откако започна судењето за „Државна лотарија“, по што беше спроведен во притвор.
