Како невини се изјаснија уште петмина од обвинетите, додека последниот обвинет во предметот, Башким Авди, не се изјасни за вина бидејќи, како што кажа на рочиштето, обвинението и доказите не ги добил на албански јазик и не разбира за што е обвинет. Тој побара тие да му бидат доставени на неговиот мајчин јазик, поради што судијката Шуплиновска-Јовевски немаше друг избор освен да ја одложи денешната главна расправа
Инаку, новина во обвинителниот предлог е што Обвинителството направи негово допрецизирање, што произлегло од вештачењето, и според кое, наместо за штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра или 596 125 511 денари
Поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на ДУИ, Артан Груби, не се чувствува виновен за делото што му се става на товар во случајот „Државна лотарија“.

Тој ова го кажа пред Основниот кривичен суд Скопје, каде денеска, со полициска придружба, беше спроведен од куќен притвор, на второто рочиште од судскиот процес.
Груби пред судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, рече дека му е јасно за што е обвинет, но на прашањето дали се чувствува виновен, кратко рече: „Не“.
Дека не се чувствува виновен се изјасни и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, а идентични беа изјавите и на другите четворица обвинети во постапката, кои биле членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија во времето кога според скопското Основно јавно обвинителство се случиле залоупотребите за кои ги товари.
Последниот обвинет во предметот, Башким Авди, пак, не се изјасни за вина бидејќи, како што кажа на рочиштето, обвинението и доказите не ги добил на албански јазик и не разбира за што е обвинет.
Тој побара обвинението и доказите да му бидат доставени на неговиот мајчин јазик, поради што судијката Шуплиновска-Јовевски немаше друг избор освен да ја одложи денешната главна расправа.
Судијката реагираше на ваквата околност и ги праша и обвинетиот и неговиот адвокат зошто две недели не побарале да се преведе обвинението за да не се одлага постапката, особено што станува збор за притворски предмет.
Авди рече дека не ги знаел законските права, како и дека очекувал обвинителниот предлог да го добие на албански јазик. Неговиот адвокат Асмир Алиспаиќ, пак, кажа дека пред кратко време, односно на 24 август бил ангажиран од обвинетиот.
Реагираше и обвинителот на ОЈО Скопје, Александар Давчевски, кој кажа дека обвинетиот го злоупотребува неспорното право на употреба на мајчиниот јазик. Според обвинителот, тоа го говори и фактот што на претходното рочиште (на 24 август) на Авди сите правни поуки му беа дадени на неговиот мајчин јазик преку судски преведувач.
„Воедно тој имаше ангажирано бранител и задолжението на судот во однос на било какви барања за доказен материјал. Дури сега во делот за произнесување на вина, се истакнува вакво барање. Секако дека му следи превод од обвинението како и пишан материјал што е од значење на постапката, но во однос на пишаниот доказен материјал ова е уредено во ЗКП односно во однос на исправи и друг пишан доказен материјал се обезбедува преку усно преведување“,
рече Давчевски, пренесе „Слободен печат“.
Адвокатот на Авди ваквите наводи на обвинителот ги оцени како некоректни, повикувајќи се на правото за употреба на мајчиниот јазик во судските постапки.
Инаку, судскиот процес, барем физички, не го следи првообвинетиот во случајот, Прпарим Бајрами, кој сè уште е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. На предлог на Обвинителството, судот донесе решение нему да му се суди во отсуство, а ќе го застапува адвокат што го ангажирала неговата сестра, Вјолца Бајрами.
На денешното рочиште јавните обвинители го читаа обвинителниот предлог, наведувајќи за што точно се товарат Бјрами, Груби и останатите шестмина обвинети. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски темринали за приредување електронски игри на среќа. Имено, според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. Новина во обвинителниот предлог е што Обвинителството направи негово допрецизирање, што произлегло од вештачењето, и според кое, наместо за штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра или 596 125 511 денари.

Истрагата за проневерите во Државна лотарија започна во декември 2024 година. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело проневера во службата. Меѓутоа, со поднесувањето на обвинителниот предлог, Обвинителството ја промени квалификацијата во злоупотреба на службената положба и овластувања.
Инаку, според членот 354 од Кривичниот законик за проневера во службата, за што првично се товареше Груби, сторителот кој ќе прибави значителна имотна корист се казнува од најмалку 4 години до максимални 20 години затвор. Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно дело и за него се предвидува максимална казна од една до 5 години затвор.
Во објаснувањето за промената на правната квалификација на делото, од Основното јавно обвинителство Скопје се повикаа на доказите до кои дошле во текот на истражната постапка и кои, како што соопштија оттаму, се разликуваат од првичните сознанија.
На овој момент денеска се осврна јавниот обвинител Даниел Коцев, кој заедно со својот колега Александар Давчевски го застапува обвинението. Тој не открива во детали која ќе биде нивната теорија на случајот бидејќи, како што наведе, одбраната е составена од голем број искусни адвокати и не сакаат, како што кажа, дополнително да им помагаат.
„Во однос на тоа зошто е променета квалификацијата – таа е променета затоа што сметавме дека не обезбедивме докази со кои ќе успееме да го докажеме кривичното дело проневера во службата. Сметаме дека доказите што беа обезбедени во текот на предистражната постапка му даваат право на Јавното обвинителство да поднесе обвинение за она дело за кое смета дека треба да биде поднесено обвинение. Како што знаете, пред измените на тој фамозен член 353, преку 95 отсто од обвиненијата одеа како злоупотреба на службената положба и овластување. Сега имаме проблем затоа што е помала казната. Меѓутоа, нам како јавни обвинители никој не ни дава право да поднесуваме обвиненија во зависност од тоа каква казна е пропишана за одредено кривично дело, туку треба да ги гледаме дејствијата што им се ставаат на товар на осомничените, сега обвинетите“,
рече Коцев.
Обвинителот откри и дека пред да се појави Артан Груби на граничниот премин „Блаце“, по повеќе од една година бегство, службите собирале информации поврзани со неговата безбедност.
Коцев ова го кажа прашан од новинарите во врска со промената на мерката притвор со куќен притвор, веднаш по враќањето на Груби во земјава. Според него, ниту еден обвинител не одлучува сам дали обвинетиот ќе оди во притвор или во куќен притвор, туку се гледаат околностите во конкретниот случај.
„Во конкретниот случај добивме информација од МВР дека лицето е влезено во државата. Од страна на одбраната беше поднесен предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор. Во меѓувреме, до нас, како што знаете, веќе имаше и соопштение на оваа тема, стигна информација од МВР. Таа информација е многу комплексна и содржи информации добиени од АНБ, кои се класифицирани, дека му е загрозена безбедноста. Тоа не е информација, како што беше пренесувано во јавноста, дека не било безбедно во Шутка за Артан Груби, туку станува збор за многу комплексна информација која содржи информации за две години наназад. Тие информации беа класифицирани и се декласифицираа само за потребите на постапката“,
изјави Коцев.
