„Наместо конкретни мерки и решенија за намалување на цените и помош на ранливите, владата на Мицкоски не прави ништо, граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот крпен живот“, се вели во партиското соопштение
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) велат дека синдикалната минимална кошница во ноември достигнала 70 827 денари, што е за 469 денари повеќе во споредба со претходниот месец. Ако се пресметаат и трошоците за изнајмување стан, како што додаваат, вредноста на кошницата надминува 90 000 денари, оценувајќи дека растот на трошоците за живот дополнително го намалува животниот стандард на граѓаните.

Според партијата, само за храна и пијалаци на едно семејство му се потребни околу 26 000 денари месечно, додека платите не го следат растот на цените.
Предупредуваат и на најавените поскапувања на струјата и парното од почетокот на 2027 година, кои, според нив, дополнително ќе го оптоварат домашниот буџет.
„Наместо конкретни мерки и решенија за намалување на цените и помош на ранливите, владата на Мицкоски не прави ништо, граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот крпен живот“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата ја критикуваат Владата и за одбивањето да ја зголеми минималната плата на 600 евра, како и за недоволната финансиска поддршка за земјоделците и студентите.
Според средствата се трошат за тендери, наместо за подобрување на стандардот на граѓаните.
„Пари има само за тендери“,
додаваат оттаму.
Во реакцијата, СДСМ се осврнува и на задолжувањето на државата, тврдејќи дека за две години се направени четири милијарди евра долгови, а за 2027 година се најавуваат дополнителни две милијарди евра, што, според партијата, ќе биде товар за идните генерации.
„Арамиската власт на Мицкоски ги осиромашува граѓаните додека им трупа нови долгови на грбот на наредните генерации. Четири милијарди евра за две години и уште две милијарди евра нови долгови за 2027 година кои се најавуваат“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошничка за ноември годинава изнесува 70 827 денари, што претставува зголемување за 469 денари во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 70 358 денари.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вчера ја претстави вредноста на потрошувачката кошничка што ја изготвува Владата и таа, како што рече тој, изнесува 59 149 денари, што е за 942 денари или 1,6 отсто повеќе во споредба со септември.
Разликата меѓу двете потрошувачки кошнички, и синдикалната и онаа на Владата, е повеќе од 11 000 денари.
