Врнежи од дожд се очекуваат во недела и понеделник, а поради продор на постуден воздух од север, во понеделник попладне на планините дождот ќе преминува во снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно во утринските и раните претпладневни часови, со повремен дожд претежно во западните и североисточните делови на земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во текот на денот облачноста ќе се намали, па ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, кој во западните делови повремено ќе засилува и ќе надминува 60 километри на час.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 9 степени, а максималните ќе достигнат од 15 до 22 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурата ќе се спушти до 6, а во текот на денот ќе достигне до 19 степени.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време, со постепен пад на температурите.
Врнежи од дожд се очекуваат во недела и понеделник, а поради продор на постуден воздух од север, во понеделник попладне на планините дождот ќе преминува во снег. Од вторник ќе преовладува стабилно, но постудено време.
