На состанокот била разгледана можноста за посилно поврзување на компаниите и институциите од двете земји, со особен фокус на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните соодветни партнери во Бугарија, со цел размена на знаења и искуства и развој на конкретни активности
Продлабочување на билатералните односи во енергетиката, со фокус на конкретни проекти, размена на искуства и можности за заеднички активности биле во фокусот на разговорите на министерката за енергетика Сања Божиновска и нејзината бугарска колешка Ива Петрова, за време на билатералната средба одржана на маргините на Вториот министерски самит на Македонија, Бугарија, Грција и Србија во Белград.

На состанокот била разгледана можноста за посилно поврзување на компаниите и институциите од двете земји, со особен фокус на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните соодветни партнери во Бугарија, со цел размена на знаења и искуства и развој на конкретни активности. Станало збор и за иницијативата исток–запад, во чии рамки е предвидена изградба на дополнителна интерконекција меѓу македонскиот и бугарскиот електропреносен систем, како и идни надградби на постојната интерконекција меѓу Македонија и Грција.
Една од темите на разговорот на Божиновска и Петрова биле и батериските системи за складирање електрична енергија, за што македонската министерка ги побарала искуствата на Бугарија во техничките решенија, регулативата, финансирањето и реализацијата на ваквите проекти, а нејзината колешка изразила подготвеност да ги сподели искуствата, експертиза и технички знаења со македонските институции и компании.
„Во рамки на средбата беше опфатена и темата енергетска сиромаштија, при што беа разменети искуства за мерките и политиките што можат да придонесат за обезбедување подостапна и сигурна енергија за граѓаните. Министерките разменија мислења за идните енергетски планови и проекти на двете земји и нивното поврзување со регионалните приоритети. Разгледана беше и можноста за заеднички настап пред меѓународни финансиски институции и донатори за обезбедување средства за стратегиски и регионално значајни енергетски проекти“,
соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерките разговарале и за продолжување на започнатата соработка за подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.
