Реакцијата на Макрон за исходот од вчерашните избори во Италија е можеби првата која доаѓа од шеф на држава или висок функционер, кој не припаѓа и не ги споделува ставовите на крајната десница
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека го почитува демократскиот избор што го направил италијанскиот народ и го повика Рим да ја продолжи соработката со Париз.
„Италијанскиот народ направи демократски и суверен избор. Ние го почитуваме“,
рече Макрон во изјава објавена од Елисејската палата, по победата на екстремно десничарската партија Браќа на Италија на вчерашните парламентарните избори во земјата.
Тој додал дека „како соседни и пријателски земји, ние треба да продолжиме да работиме заедно“.
Реакцијата на Маркон, за исходот од вчерашните избори во Италија, е можеби првата која доаѓа од шеф на држава или висок функционер, кој не припаѓа и не ги споделува ставовите на крајната десница.
Претходно француската премиерка Елизабет Борн, која во мај беше избрана на функцијата од претседателот Макрон рече дека не сака да го коментира демократскиот избор на италијанскиот народ и дека сега претседателот на земјата треба да назначи премиер.
На парламентарните изборите во Италија победи партијата Браќа на Италија, предводена од Џорџа Мелони, која заедно со нејзината конзервативна коалиција што ја сочинуваат десничарската Лига на Матео Салвини и Напред Италија на експремиерот Силвио Берлускони, ќе ја формира идната италијанска влада.
По вчерашните избори, Италија веројатно ќе ја добие најдесничарската влада по Бенито Мусолини и поствоена Европа и за првпат ќе има жена на премиерската функција.
Честитки до десничарската коалција најмногу пристигнуваат од нивните колеги десничари во Европа. Меѓу оние што се огласија беа лидерката на француската десница и противничка на Макрон, Мари Ле Пен, како и конзервативните власти во Полска и Унгарија.