Руското комунално претпријатие РА РАО минатата недела соопшти дека ќе го запре извозот во Финска објаснувајќи дека земјата од 6 мај не плаќала за електрична енергија што се продава преку паневропската берза „Норд пул“
Русија од денеска го прекина извозот на електрична енергија во Финска, објави мрежниот оператор.
Руското комунално претпријатие РА РАО минатата недела соопшти дека ќе го запре извозот во Финска објаснувајќи дека земјата од 6 мај не плаќала за електрична енергија што се продава преку паневропската берза „Норд пул“.
Испораките на руска електрична енергија за Финска паднаа од 87 мегавати на нула, покажуваат податоците на мрежниот оператор „Фингрид“ соопштувајќи дека компанијата може да го замени руското снабдување со електрична енергија од Шведска и да го зголеми домашното производство.
Оттаму додаваат дека прекинот на рускиот извоз се должи на ограничувањата на плаќањата наметнати од западните земји.
„Поради овие ограничувања, руската струја веќе не може да се плаќа. Затоа, суспензијата е повеќе последица отколку руска контрамерка“,
се наведува во соопштението.
Русија досега обезбедуваше околу 10 отсто од потребите за струја на Финска.
Иако не се споменува директно, потегот на Русија се толкува како мерка поврзана со барањето за приклучување на Финска во НАТО.
Финскиот претседател Саули Ниинисто вчера потврди дека неговата земја официјално ќе поднесе барање за членство во НАТО.
Зборувајќи со претседателот, финската премиерка Сана Марин рече дека се надева дека во следните неколку дена финскиот парламент ќе ја потврди одлуката за аплицирање за членство во НАТО.