Според министерот за здравство, членовите на Владата кои се во изолација биле во различен ризик за време на состанокот во Куманово. Сепак, како што вели, засега сите се чувствуваат добро и немаат симптоми на вирусот
Министерот за здравство Венко Филипче смета дека премиерот Оливер Спасовски треба да се тестира за коронавирус, по настанот во Куманово, поради кој од минатата седмица се во изолација четворица членови на Владата.
Покрај Филипче и премиерот Спасовски, во изолација се и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование Арбер Адеми, кои беа на состанокот со Кризниот штаб во Куманово, еден ден пред градоначалникот на оваа општина, Максим Димитриевски, да објави дека е позитивен на коронавирус.
Одговарајќи на новинарско прашање дали членовите на Владата кои се во изолација се тестирале или ќе се тестираат во наредните денови, Филипче рече дека четворицата кои беа во Куманово биле во различен степен на ризик.
„Сите во Куманово бевме во различен ризик. Сметам дека премиерот треба да направи тест. Во текот на оваа недела ќе чекаме да поминат најмалку седум дена во изолација, а потоа ќе ги следиме препораките на епидемиолозите, согласно нашата здравствена состојба. Засега сите сме сите добро и без никакви симптоми“,
рече Филипче.
*поврзани вести: Спасовски од својот дом во Куманово ќе управува со Владата
Димитриевски: Случајот од Куманово непотребно „се дува“ заради наслови во медиумите
Претходно, во изолација беа и лидерите на двете најголеми партии- Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ). Тие беа тестирани истиот ден кога беше дијагностициран ковид-19 кај телевизиски новинар кај кој двајцата биле на интервјуа. По седум дена изолација, Заев и Мицкоски соопштија дека се негативни и повторените тестови што ги правеле на ковид-19.