Премиерот, кој од денеска е во изолација, испрати охрабрувачка порака дека ширењето на коронавирусот е во рамки на очекуваното, без екстремно висока експанзија на новозаболени
Владата ќе функционира непречено, а премиерот Оливер Спасовски ќе ги извршува обврските од својот дом, откако е во изолација, поради контакт со својот сограѓанин и сопартиец Максим Димитриевски, кумановскиот градоначалник кој е позитивен на коронавирусот.
„Од мојот дом непречено ќе ги извршувам сите мои работни обврски како премиер. Владата ќе функционира непречено, преку интернет конференциската врска и ќе ги извршуваме секојдневно обврските и приоритетите во овие вонредни услови. Кризниот штаб и Владата, како и во изминатите денови, ќе се состануваат секој ден, преку видео врска“,
рече Спасовски, во денешното видеообраќање.
Иако Северна Македонија денеска забележа највисок број на ново заразени од почерокот на епидемијата, Спасовски вели дека ширењето на коронавирусот е во рамки на очекуваното.
„Анализата покажува дека земјата ни се движи според проектираното контролирано сценарио, без екстремно висока експанзија на новозаболени. Од друга страна, расте бројот на излечени. Пред два дена сите се израдувавме, имавме 42 оздравени наши граѓани само во еден ден. За ја задржиме постоечката контрола врз ширењето и да дојдеме до моментот кога бројката на излечени ќе станува поголем од бројот на новозаболени, мора секој од нас да даде придонес“,
вели Спасовски.
Премиерот се осврна и на претстојните празници, посочувајќи дека оваа година цел свет го празнува Велигден поинаку од досега.
„Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигден, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот“,
вели Спасовски.
Попладнево, и министерот за здравство Венко Филипче, кој, исто така, од денеска е во изолација, најави дека ќе ги извршува обврските од својот дом и дека таму ќе држи прес-конференции.