Од Министерството за здравство соопштуваат дека работат на приспособување на форматот на прес-конференциите за министерот Венко Филипче да може да ги одржува прес-конференциите од дома преку зум-платформата. Ваквата реорганизација доаѓа откако Владата соопшти дека министерот Филипче, како и останатите владини членови кои вчера се сретнаа со градоначалникот Максим Димитриевски, кој е позитивен на ковид-19, оди во самоизолација.
„Во моментов се работи на приспособување на досегашниот формат на прес-конференциите од Владата преку зум-платформата, од домот на министерот Филипче, со цел веќе од утре да продолжи комуникацијата со медиумите и јавноста како и досега. Доколку во текот на следните часови се приспособи системот, министерот Филипче ќе одржи стандардна прес-конференција од својот дом. Доколку не се реализира техничката можност, тој за состојбата во врска со коронавирусот во земјата ќе информира преку видеообраќање од својот дом, кое ќе го доставиме до сите медиуми и ќе го поставиме на официјалната фејсбук-страница на министерот“,
соопштија од министерството за здравство.
Освен Филипче, во самоизолација одат техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев кои вчера беа во Куманово.
*поврзана вест Градоначалникот на Куманово е позитивен на ковид-19