Лидерот на СДСМ објави на фејсбук за резултатите од повторното тестирање и посака да бидат негативни и тестовите на премиерот и на министрите
Негативен е и вториот тест за коронавирус на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е веќе една седмица во изолација, по контактите што тој, но и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги имале со новинарот на Канал 5.
За резултатите од денешното тестирање Зеав информира попладнево преку фејсбук.
„Денеска, согласно со здравствените протоколи, ми беше направен и втор тест за присуство на коронавирусот, кој, исто како и првиот тест, е негативен. Им благодарам на сите за поддршката и во исто време упатувам поддршка, со желба за брзо оздравување на градоначалникот на Куманово и на сите граѓани кои се справуваат со вирусот“,
пишува Заев, изразувајќи надеж дека и премиерот и министрите ќе имаат негативни тестови.
Заев апелира повторно да се почитуваат мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.
„Овој вирус покажа дека е непредвидлив и дека е сериозна закана по здравјето на секој од нас. Затоа делуваме брзо, но многу е важно сите до еден целосно да ги почитуваме мерките и препораките. Да останеме дома, да внимаваме многу повеќе на нашата хигиена, да држиме дистанца од два метр, да се заштитиме, а со тоа да ги заштитиме и другите. Секој кој ги почитува мерките спасува здравје и живот“,
напиша Заев.
*поврзани вести: Филипче: Тестирањата на Заев и Мицкоски беа брзи зашто имаат контакти со многу луѓе