Фирмата за набавка на природен гас што ја предложил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложи потребните референци задолжителни за сите понудувачи, соопштуваат од АД ЕСМ.
Откако високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ одбила помош од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по цена од 850 евра, па затоа од почетокот на грејната сезона, Владата купува гас по цена од 1560 евра и дека ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од Мицкоски, од Електрани велат дека со таа фирма бил потпишан само првичен EФЕТдоговор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција.
“Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка”,
се наведува во соопштението на ЕСМ.
Од ЕСМ дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.
“Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер”,
велат од ЕСМ.
Од АД ЕСМ велат дека сериозно забележуваат на обидите да се изнесуваат, како што велат, „извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле“ и апелираат до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во „невистинити искази“ при своите јавни настапи.