Кога почна серијата оставки на директорите кои се кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска, пак, рече дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Град Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени
Директорот на скопското јавно претпријатие „Градски паркинг“, Бојан Христовски, бара градоначалничката Данела Арсовска и градската администрација да ја прифатат неговата оставка поднесена пред една.
Тој вели дека пред една недела, кога објави на социјалните мрежи за оставката, формално ја доставил и до архивите на Градот, меѓутоа оттаму одговор нема.
„Веднаш потоа градоначалничката Арсовска на нејзината Фејсбук-страница објави дека оставките се ’принудни‘ (без разлика дали е така), што укажува дека била/е спремна за кадрови промени. Но, реалноста е друга, од Градот сè уште нема никаков одговор. Претпријатието и вработените се оставени сами на себе. Алармирам до градската администрација да си постапи во согласност со законот, да ја прифати мојата неотповиклива оставка и да назначи нов директор. Работата во претпријатието мора да продолжи без одлагање. Тековните активности и новитети не смеат да запрат без разлика на несогласувања и политички комбинаторики“,
вели Христовски.
Тој оставката ја поднесе на 13 септември, а истиот ден тоа го направи и директорот на ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски.
Нивните оставки следуваа откако еден ден претходно Арсовска објави дека го разрешува директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински и генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Разрешувањето, рече градоначалничката, е поради самоволие и сомнежи за влијание во тендер вреден 136 милиони евра за пречистителна станица.
По ова следуваа низа јавни препукувања помеѓу градоначалничката и партијата што ја поддржа на ланските локални избори, а оставки во петокот (16 септември) поднесоа уште тројца директори од ВМРО-ДПМНЕ: на „ЈСП турс“ – Филип Василевски, на ЈП „Улици и патишта“ – Борис Настов и на „Лајка“ – Воислав Димитровски.
Сите излегоа со слични објаснување односно дека си одат поради несоработката со градоначалничката и неисполнување на ветувањата од кампањата.
Арсовска, пак, на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.
Таа имаше и остри напади кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На седница за советнички прашања на Советот на Град Скопје го нападна нарекувајќи го „шпицен градоначалник“ и обвинувајќи го дека никогаш нема да излезе од тендерската матрица. Таа го прозва и дека до вчера била добра, но сега не е затоа што им ги фатила „директорчињата со рацете во медот“.
Вчера, пак, таа во изјава за медиумите имаше поблаг речник и рече дека не ја интересира политика и не сака да навлегува во политички преписки.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека поради немање нормална комуникација што треба да ја има еден градоначалник на Град Скопје и неисполнување на ветувањата, во целост се оградуваат од неа и нивните градоначалници во скопските општини повеќе нема да присуствуваат на ниту еден настан со неа.