Еден од петтемината антиваксери кои беа приведени во Србија поради кампањата против вакцинирањето, имал примено вакцина против ковид-19, изјави премиерката Ана Брнабиќ.
„Од петтемина антиваксери кои се приведени, еден се вакцинирал и истовремено ширел најстрашни можни лаги за вакцинирањето. Значи, тој се заштитил себеси, а им кажува на други дека не треба да се вакцинираат. Тоа е најстрашно лицемерие“,
изјави Брнабиќ.
Брнабиќ рече дека антивакцинерите ги загрозуваат националната безбедност и животите на луѓето.
Српската полиција пред три дена, по наредба на Обвинителството за високотехнолошки криминал, уапси пет лица кои јавно ги искажуваа и пропагираа своите ставови против вакцинирањето на граѓаните.
Една од нив е и лекарката и активистка Јована Стојковиќ, предводник на движењето „Живеам за Србија“, која била приведена под сомнение за кривично дело предизвикување паника и немир со ширење лажни вести.