Српските медиуми информираат дека во Србија од утрово полицијата, по наредба на Обвинителството, спроведува акција во која се апсат активисти – антиваксери.
Една од нив е и лекарката и активистка Јована Стојковиќ, предводник на движењето „Живеам за Србија“, која била приведена под сомнение за кривично дело предизвикување паника и немир со ширење лажни вести.
Во нејзиниот стан утрово околу 7:30 часот бил извршен претрес по судска наредба, а таа и нејзиниот сопруг го снимале и пренесувале претресот во живо на Фејсбук, пренесува Н1 ТВ.
„Што очекувате да пронајдете во станот? Оружје, дрога? Дали некогаш сте правеле претрес поради предизвикување страв и паника? Не! Се однесувате како да сме криминалци“,
рекол сопругот на Стојковиќ.
„Блиц“ пишува дека на Јована Стојковиќ ѝ е одредено задржување во полициска станица, а нејзиниот сопруг добил кривична пријава за попречување на службено лице во вршење на должноста.
Повикувајќи се на неофицијални потврди од Вишото јавно обвинителство, „Блиц“, наведува дека станува збор за голема акција и приведени се вкупно пет лица за изнесување лажни тврдења за вакцините.
Повеќе медиуми објавија дека е приведена и Јелица Дабовиќ, сестра на поранешните познати кошаркарки Ана и Милица Дабовиќ.
„Нова.рс“ пишува дека таа е позната во јавноста како голем противник на вакцините, а денеска е приведена на распит во рамки на акцијата против антиваксерите.
Медиумите пренесуваат и дека по излегувањето од распитот, таа потврдила дека е приведена за распит поради објави на социјалните мрежи против вакцините.