Не исклучуваме ништо. Мора да знаеме како се случило тоа. Дали е случајно, дали станува збор за човечка грешка, дали некој прислушувал. Тоа ќе каже извештајот на МВР. Ова беше надвор од доменот на Собранието. Ние немаме капацитет да направиме стручен надзор во однос на техниката, вели собранискиот спикер
Претседателот на законодавниот дом на брифингот откри дека пропаднал и петтиот тендер за инсталација на т.н. „глува соба“, односно просторија што ќе биде заштитена од какви било надворешни интерференции и прислушување. Како што информира Џафери, причината за неуспехот и на овој тендер за овој проект, кој го бараат и стандардите на НАТО, е поради недостатоци во техничката спецификација, поради што не бил избран ниту еден понудувач. Вредноста на тендерот е 33 милиони денари, без ДДВ, или околу половина милион евра
Седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање останува блокирана, односно суспендирана сè додека не се утврди што точно се случило и дали некој е одговорен за инцидентот на јутјуб-каналот на Собранието минатиот петок, кога протече аудио од дел од излагањето на директорот на АНБ, Виктор Димовски, за случајот „Онишченко“, и покрај тоа што седницата беше затворена за јавност.

Џафери денеска на брифинг со новинарите потврди дека ја суспендирал седницата и дека се чека на извештајот од истрагата на Министерството за внатрешни работи, од кој треба да одговори како дошло до безбедносниот пропуст.
„Додека не се утврди што точно се случило, не може да продолжи седницата на Комисијата. Чекаме извештај од МВР и штом го добиеме ќе известиме“,
вели собранискиот спикер.
За причините и околностите со инцидентот, според Џафери, во моментов не се исклучува ништо. Случајот со безбедносниот пропуст сега го истражува Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.
„Не исклучуваме ништо. Мора да знаеме како се случило тоа. Дали е случајно, дали станува збор за човечка грешка, дали некој прислушувал. Тоа ќе каже извештајот на МВР. Ова беше надвор од доменот на Собранието. Ние немаме капацитет да направиме стручен надзор во однос на техниката“,
рече Џафери на брифингот.
Тој негираше дека со суспендирањето намерно се одложува реферирањето на директорот на АНБ за случајот „Онишченко“.

Прашан доколку се наложи потреба за одржување на итна седница која поради специфичноста на информациите би била затворена за јавноста, Џафери рече дека таа и во овој момент може да се одржи без да се чека извештајот на МВР за безбедносниот пропуст на седницата со Димовски.
Комисиската седница, на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, во петокот реферираше за улогата на Агенцијата во случајот додавањето државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко беше прекината поради безбедносен пропуст на јутјуб-каналот на Собранието.
Имено, на јутјуб-каналот одела слика од пленарната сала, но и аудио од реферирањето на Димовски. Салата 4 каде што се одржува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР беше испразнета, а собраниските служби ги заклучија вратите.
Безбедносниот пропуст се случи и покрај тоа што пред почетокот на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, собраниското обезбедување побара од членовите на Комисијата да ги остават мобилните телефони и чантите пред салата 4 каде што се одржуваше седницата која беше затворена за јавност поради класифицираните информации, кои Димовски претходно најави дека ќе бидат дел од неговото излагање.
Претседателот на Законодавниот дом на брифингот откри дека пропаднал и петтиот тендер за инсталација на т.н. „глува соба“, односно просторија што ќе биде заштитена од било какви надворешни интерференции и прислушување.
Како што информира Џафери, причината за неуспехот и на овој тендер за овој проект, кој го бараат и стандардите на НАТО, е поради недостатоци во техничката спецификација, поради што не бил избран ниту еден понудувач.
Инаку, вредноста на тендерот е 33 милиони денари, без ДДВ, или околу половина милион евра.
„Евалуацијата е направена, но заклучокот е дека има недостатоци во понудите. Фалат работи во техничката спецификација. Десет дена е рокот за жалби и штом заврши веднаш ќе биде објавен нов јавен повик“,
рече Џафери.
На прашање дали ќе се гради нова просторија, претседателот на Собранието информира дека е планирано да се адаптира простор во во внатрешноста на заградата на Собранието.
„Лоцирано е место во внатрешноста на Собранието, кое нема во допир со надворешните ѕидови“,
посочи Џафери.
За потребата од изградба на „глува соба“ вчера зборуваше и пратеникот Павле Трајанов во емисијата „Топ тема“, кој рече дека не се осудува да зборува отворено во Законодавниот дом затоа што никој не гарантира дека Собранието е заштитено од надворешни системи за прислушување.
„Немам гаранција и нема кој да гарантира дека парламентот е заштитен од надворешни системи за прислушување“,
изјави Трајанов.