Лекарот Дарко Василевски во објава на Фејсбук изрази сомнеж дека начинот на кој се спроведува селекцијата на кандидати отвора прашања за транспарентноста, критериумите и еднаквиот третман на сите кандидати. Вели дека известувањето за примените кандидати било пратено преку мејл, без правна поука и без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати
Во отворено писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до МОН, лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски најави дека ќе штрајкува со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување, кој според него, е спроведен нетранспарентно.

„Со ова писмо јавно го изразувам моето длабоко незадоволство од начинот на кој е спроведена постапката за селекција на кандидати и донесена одлуката за вработување по јавниот оглас 01/2026 за вработување на доктор по медицина, 2 (два) извршители за Институт за медицинска и експериментална физиологија со антропологија на неопределено време на Медицински факултет во Скопје во состав на УКИМ“,
вели Василевски.
Тој во објава на Фејсбук изрази сомнеж дека начинот на кој се спроведува селекцијата на кандидати отвора прашања за транспарентноста, критериумите и еднаквиот третман на сите кандидати. Вели дека известувањето за примените кандидати било пратено преку мејл, без правна поука и без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати. Обвинува и дека е дискриминиран поради неговата возраст.
„Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите. Како лекар и приватен специјализант кој со години вложува приватни средства во своето образование, професионално усовршување и стекнување знаење, очекував дека на јавен оглас ќе имам еднаква можност да ги претставам своите квалитети“,
пишува Василевски во објавата на Фејсбук.
Тој вели дека не бара привилегии туку еднаква можност, фер постапка, вреднување на трудот и долгогодишното образование, работа и усовршување, како и транспарентна постапка, во која знаењето, стручноста, професионалното искуство на кандидатите ќе бидат вистинските критериуми за избор.
„Јавноста има право да знае како и врз основа на кои критериуми е донесена одлуката. Затоа апелирам до Деканатот на Медицинскиот факултет, Министерството за здравство и МОН во врска со Јавниот оглас 01/2026 година да се обезбеди јасен, транспарентен процес на селекција, во кој предност ќе имаат стручноста, компетентноста и професионалните достигнувања, а не други критериуми кои не се јасно наведени во огласот. Како крајна форма на мирен граѓански протест, најавувам и штрајк со глад, со цел моето барање за правична и транспарентна постапка да биде слушнато“,
додава тој во фејсбук-објавата.
