Од Блупринт-групата очекуваат претседателот на Советот на јавни обвинители кој, како што додаваат, досега покажал висок професионален интегритет, бил отворен за комуникација и соработка со граѓанските организации, во името на Советот да се произнесе по барањето и јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанските организации и кон сите други кон кои биле упатени навредите и дискредитациите
Блупринт-групата за реформи во правосудството денеска преку медиумите се обрати до претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски и го повика во името на Советот да се произнесе за ставот на ова тело во врска со дискусијата од седницата одржана на 11 ноември, а на која од членови на Советот биле упатени навреди за претставниците од граѓанското општество, професионалци од правната професија и функционери.

Поради ова, велат од Блупринт-групата, контекстот на дискусијата бил крајно непрофесионален, во целост „спротивна на стандардите за етичко однесување на јавните обвинители и и претставува ризик за создавање на недоверба“ што може да доведе до несоработка со заинтересираните страни во реформата на правосудството.
Имено, како што образложуваат од Блупринт-групата, на 69. јавна седница на Советот на Јавни обвинители, на 11 ноември 2022 година, на која присуствуваа и претставници од организациите членки на Блупринт-групата за реформи во правосудството, кои редовно ја следат работата на Советот на Јавни обвинители (под точка разно од Дневниот ред), од страна на членовите на Советот била отворена дискусија за јавните реакции на стручната јавност, правните експерти и граѓанските организации за спроведувањето на изборот на Основен Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во рамките на дискусијата, еден од членовите на Советот во неколку наврати упатил навреди кон Блупринт-групата и граѓанското општество во целина, обидувајќи се да ја дискредитира работата на организациите од Блупринт-групата.
„Од дискусија на овој член на Советот која содржеше неаргументирани несогласувања со јавно споделениот став на Блупринт-групата за недоволната транспарентност во процесот на избор на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК, најмногу загрижува неговиот став и намера да укаже дека граѓанските организации не треба воопшто да даваат мислење во јавноста за работата на Советот и дека истите се под политички влијанија и критиките упатени кон Советот се со намера за рушење на неговиот кредибилитетот“,
стои во реакцијата.
Дискусијата, како што велат од Блупринт-групата, не била спречена претседателот на Советот на јавните обвинители ниту од друг член, а уште позагрижувачки, додаваат оттаму, е тоа што таа не била ниту изолирана.
„Имено, во продолжение на дискусијата од страна на друг член на Советот беше истакнато дека ставовите искажани од нивниот колега за Блупринт-групата се ставови и на Советот“,
велат од Блупринт-групата.
Веднаш по завршувањето на седницата, Блупринт-групата испратила писмо до Јолевски како претседател на Советот на Јавните обвинители со барање во најкус рок да се произнесе дали искажните ставови на двајцата членови се став на Советот или се лични ставови на членовите на Советот.
„Тргнувајќи од досегашната соработка помеѓу Блупринт-групата за реформи во правосудството и Советот на јавни обвинители, сметаме дека со искажаната дискусија со навреди и непрофесионален тон, се создава околина на недоверба и несоработка помеѓу Советот и граѓанското општество во клучен момент за процесите за реформа на правосудството и европските интеграции. Нас нè загрижува потценувачкиот и навредувачкиот однос од член на Советот, кој е истакнат правник, и сметаме дека истиот претставува и притисок врз граѓанското општество, со цел да ограничи конструктивната критика упатена кон работата на јавните институции, а со тоа и да се намали степенот на отвореност, инклузивност, транспарентност и отчетност на институциите кои се клучни елементи на принципот на владеење на правото како темел на демократските општества“,
се наведува во реакцијата.
Од Блупринт-групата очекуваат претседателот на Советот на јавни обвинители кој, како што додаваат, досега покажал висок професионален интегритет, бил отворен за комуникација и соработка со граѓанските организации, во името на Советот да се произнесе по барањето и јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанските организации и кон сите останати кон кои биле упатени навредите и дискредитациите.
Инаку, новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази пред една недела на први непосредни избори беше избран за нов раководител на ова многу важно и моќно обвинителство со ингеренции на целата територија на државата.
Изборот на Абази предизвика контроверзии во јавноста бидејќи тој беше единствениот од четворицата кандидати кого пошироката јавност го запозна по неговиот избор, наместо претходно. За разлика од неговите конкуренти за позицијата, тој не излезе со програма, ниту се појави во јавноста и покрај барањата на медиумите.
По неговиот избор, најави за интервенции во легислативата за избор на јавен обвинител на ГОКК, во смисла на зајакнување и дополнување на критериумите стигна од повеќе страни, меѓу кои и од министерот за правда, Никола Тупанчески и претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска.
Дополнителни сомнежи за изборот на Абази предизвикаа и фотографиите што испливаа во јавноста каде сега веќе актуелниот шеф на ОЈО ГОКК може да се види во друштво на членови и високи функционери на ДУИ.
Претходно на својата прва прес-конференција по изборот, прашан дали некогаш се сретнале некогаш со Ахмети тој одговори дека „можеби и се сретнале“, но лични контакти нема ниту со него ниту со друг функционер од ДУИ.
„Дружењето со такви личности не е забрането, тоа е непристојно дружење, а не е дека не смее“,
рече Абази.
Околу изборот на Абази реагираа и од Блупринт-групата за реформи во правосудството, според која изборот за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) помина нетранспарентно и стручната јавност немаше можност да се запознае со биографиите на кандидати.
Советот на јавни обвинители денеска на седница и формално го именува Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Абази на функцијата ќе ја наследни Вилма Русковска, чиј мандат истекува денеска. Неговиот избор беше констатиран едногласно од сите членови на Советот.