Апелацискиот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Сашо Мијалков во предметот „Таргет-Тврдина“ и го потврди решението за притвор како мерка за обезбедување присуство.
„Апелацискиот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -19/21, познат во јавноста под името ‘Таргет-Тврдина’, по одржана најавна седница на ден 12.03.2021 година, донесе одлука со која жалбата на обвинетиот С.М. изјавена преку неговиот бранител ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е укината мерката куќен притвор и определена мерка притвор како мерка за обезбедување присуство на обвинетиот, го потврди“,
се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.
Вака донесената одлука, како што е посочено во соопштението од Апелацискиот суд Скопје, ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на 26 февруари годинава доби затворска казна во траење од вкупно 12 години за случајот „Таргет-Тврдина“ за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание. Судот одлучи да го прифати предлогот на обвинителката Ленче Ристоска која побара ефективен наместо домашен притвор за Мијалков до правосилноста на пресудата.