Вишото јавно обвинителство – Скопје се изјаснило дека е против укинување на мерката притвор за Сашо Мијалков, изречена по усното соопштување на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ каде тој е обвинет. Својот став, обвинителството го соопштило во одговорот на жалбата на Мијалков во која екс-директорот на УБК бара укинување на притворот, предмет кој се наоѓа пред Апелациониот суд.
„Мислењето е негативно, во насока да се одбие жалбата“
одговорија кусо од Обвинителството за „360 степени“
Како што веќе објавивме, Апелациониот суд во Скопје ја примил жалбата на Мијалков против притворот во „Таргет-Тврдина“ во понеделникот. Истиот ден, жалбата била пратена на одговор до Вишото јавно обвинителство – Скопје, како што и налага постапката. Од Апелација, за „360 степени“ потврдија дека одговорот им стигнал денеска, без детали за содржината.
„Токму денеска стигна одговорот од Вишото јавно обвинителство-Скопје за предметот. Апелациониот суд ќе одлучува во најкус можен рок, но мора да се има во предвид дека советот кој ќе одлучува мора прво да ги прими и проучи списите“,
велат за „360 степени“ од Апелацискиот суд во Скопје.
Одговорот од Апелација значи дека наскоро ќе има одлука за жалбата на Мијалков, но сепек се остава простор дека тоа може и да не се случи до петок. Непознато е и колку и кои судии ќе одлучуваат за предметот.