„Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет“, апелираше директорот на ЦУК до граѓаните во загрозените подрачја
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција рече дека необјасниви се причините како одеднаш пламнуваат толку пожари и рече дека МВР работи на откривање на причините.
„Пожарите се шират со чудна брзина. Дури имаме сомнителни моменти како тоа на некој места се палат тие пожари одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на утврдување на причинителите“,
рече Ангелов.
Тој апелираше до граѓаните да се евакуираат бидејќи човечкиот живот е бесценет.
„Тешко е да се напушти домот кој некој го градел со сопствени раце, со мачно заработени пари цел свој живот. Но, нов дом ќе се направи. Ве уверувам државата ќе помогне да се направи нов дом, нов живот нема да се врати. Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, а тоа може да му се случи секого: Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет“,
рече Ангелов.
Тој зборуваше и за употребата на хеликоптери за што побара да не се шири паника, незадоволство и гнев без потребата.
„Хеликоптерите тие имаат лимит, не само нашите, и српските, и германските, и американските. Во Европа не постои хеликоптер кој гасне ноќно време. Ова е проверена информација, проверете, да не шириме незадоволство, гнев и паника меѓу граѓаните. На хеликоптери не смееме да сметаме откако ќе се намали дневната светлина. Овие хеликоптери ги возат луѓе, животите на тие луѓе нам ни се многу важни“,
рече Ангелов.
Тој објаснуваше и дека значаен фактор дали ќе се користи хеликоптер е и температурата. Ако е над 37 степени, рече директорот на ЦУК, тогаш не е безбедно за летање. За разлика од нашите, пак, српските може да летаат на малку повисока температура, но од друга страна тие може да носат 1,2 тони вода, додека оние со кои располагаат македонските служби може да носат два тона вода.
Поради ограничувањата од температурата, побара Ангелов, да не се бара панично праќање на хеликоптери.
„Имајте предвид дека гаснењето на пожар го прават некаде на пет некаде на десет метри висина, тоа е место како да се на ражен, на тие места температурата е многу повисока, затоа мораме да се загрижиме за животите на нашите херои, не смееме да ги загрозиме. Паничното барање хеликоптери само шири паника“,
рече Ангелов.