Во септември 2019 година редовното обвинителство ги презеде и последните предмети по неславниот крај на т.н. Специјално јавно обвинителство (СЈО). Меѓу нив беа и 19 предмети во фаза на истрага против високи и не толку високи функционери, како и личности од бизнис и јавниот живот во земјата. Две и пол години подоцна има само една правосилна пресуда, и тоа во форма на условна казна
Дел од упатената јавност има впечатокот дека работата со истрагите што останаа од СЈО се тера „на мускули“. Нашите соговорници посочуваат дека на целиот амбиент веројатно влијае немањето доволно кадар во редовните обвинителства, за разлика од тоа со што располагаа „специјалните“ обвинители, недостигот на ентузијазам, како и инертноста на обвинителскиот систем, а предупредуваат дека удар врз девизата „нема правда, нема мир“ би можела да биде и одлуката на Стразбур за помилувањата од Ѓорге Иванов и застарувањето на некои кривични дела поради одолговлекување на постапките
Речиси три и пол години откако беше отворена истрага, еден од најсложените и најобемните предмети што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е пред обвинение. Тоа сега се „пакува“ под капата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое сега е надлежно за повеќето случаи што во наследство ги оставија „специјалните“ обвинители. Станува збор за предметот „Империја“.

Меѓутоа, тоа не е единствената истрагата на СЈО што остана да се доработи и да се доведе до крај – обвинение или запирање на постапката. Во таа фаза на постапката беа вкупно 19 случаи што ги отворило обвинителството кое го водеше Катица Јанева, кога во септември 2019 година државниот обвинител Љубомир Јовески со тим од Јавното обвинителство на РСМ влезе во просториите на СЈО на улицата „Рузвелтова“ за да ги преземе предметите што потоа ги распредели кај редовните обвинителства и им даде овластување на некогашни „специјални“ обвинители да продолжат да постапуваат во нив.
Од 19 истраги, по три и пол години, има само една пресуда – условна казна
За четири од вкупните 19 истраги, редовните обвинителства решија да ги запрат постапките. Други три случаи, пак, сè уште се во истата фаза во која беа при преземањето од СЈО – во истрага. Уште два случаи, пак, се пред обвинение, што значи дека половина од истрагите сè уште не стигнале или воопшто нема да стигнат пред суд.

Од преостанатите предмети, девет се во судска постапка. Само во еден случај има правосилна судска пресуда – и тоа условна казна.
Брза постапка само за директорот на училиште во Зајас
Единствениот случај од истрагите што веќе има правосилна пресуда е „Табла“, каде што осомничен беше поранешен директор на училиште во селото Зајас во врска со незаконска изградба на ново основно училиште. Тој призна вина и доби условна казна (две години затвор кои нема да се извршат доколку во следните пет години не стори ново кривично дело). Во сите други предмети од истрагите на СЈО кои се пред суд засега нема пресуди.

„Моќник“ беше првиот за кој редовните обвинителства поднесоа обвинение и судењето е во тек. На обвинителна клупа во овој случај седат актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, неговиот татко, ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, како и членовите на некогашната Лустрациска комисија со нејзиниот претседател Томе Аџиев. Случајот се однесува на продажба на имот во село Ижишта, како и на лустрирање на „неподобен“ судија.

За експратеничката Силвана Бонева, за наплатата на патни трошоци, исто така, во тек е судскиот процес познат како „Друмарина“.
Пред околу пет месеци беше прифатено и обвинението за случајот кој се однесува на преземањето на „Поштенска банка“.
Во судска постапка е и предметот „Лидери“ за дивоградба спроти американската амбасада во Скопје. Иако кодното име на предметот алудираше на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои во „бомбите“ зборуваа за овој објект, тие не се обвинети, туку инвеститорот. Тој се гони за бесправно градење.
„Транспортер 2“ и „Тарифа 2“, се продолжение на истоимените случаи за кои СЈО претходно подигна обвинение. „Транспортер 2“ е поврзан со превоз на ученици во Битола и во него се опфатени тројца поранешни директори на училишта, кои не беа опфатени со првичната истрага. За нив, обвинение беше поднесено во ноември лани, кое во меѓувреме е прифатено. „Тарифа 2“, пак, опфаќа едно лице и обвинението беше поднесено уште во декември 2020 година, а случајот беше споен со „Тарифа 1“ за кој имаше пресуда која Апелацискиот суд ја укина и го врати предметот на почеток. Со пресудата во првиот случај, која се укина, на затворски казни беа осудени поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски и двајца вработени.
Во тек е и судењето за „Странски служби“ каде што во истрагата осомничени беа поранешен началник на оддел во УБК и помошник-министер во МВР. Тие се гонеа во врска со набавка на опрема од странска компанија со цел да се потврди тезата на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека странски служби вршеле масовно прислушување во земјава. Меѓутоа, обвинението поднесено пред неполна година опфати само за еден од осомничените.
„За предметот ’Странски служби‘ на 20.4.2021 година беше поднесен обвинителен акт против едно лице, додека за второосомничениот истрагата е прекината поради недостапност. Предметот е во судска постапка и е закажано рочиште за 6.4.2022 година“,
велат од Обвинителството.
Наредната недела, пак, треба да се одржи судско рочиште за случајот „Продуцент“, каде што на обвинителна клупа треба да седнат поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од Социјалистичката партија Љупчо Димовски и новинарката Ивона Талевска. Рочиштето закажано за 3 март се одложи поради отсуство на Талевска од здравствени причини. Предметот се однесува на склучување договор од 50 000 евра од страна на Министерството во мандатот на Димовски со „Смарт центар“ за емитување на емисијата „Боја на парите“, чиј водител беше токму Талевска.

На 10 март во скопскиот Кривичен суд започна и судењето за случајот „Дизајн“ во врска со набавката на кинеските автобуси. Уште на првото рочиште, ексминистерот Миле Јанакиески и две други обвинети признаа вина и добија условна казна затвор (по две години затвор кои нема да се извршат доколку во следните две години не сторат ново кривично дело). Меѓутоа, за овој процес и понатаму ќе се држат судски рочишта бидејќи актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, не призна вина. Тој се гони во својство на член на комисијата за јавни набавки преку која одела набавката на автобусите.
Обвинение за „Империја“ по година и пол вештачење
Веројатно најголемата и најкомплексната истрага што ја презеде редовното обвинителство од СЈО е „Империја“. Тој е пред обвинение, изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, на 14 март 2022 година.

„За случајот ‘Империја’, колку што сум информирана, се подготвува обвинението и се селектираат доказите кои се поврзани со обвинението затоа што при претресите се одземени списи кои навистина не се потребни за обвинението и истите ќе бидат вратени на лицата од кои се одземени“,
изјави Русковска на 14 март 2022.
Одговарајќи на новинарски прашања околу должината на истрагата и законските рокови, таа посети на обемноста на предметот и на тоа што долг период се чекаше финансиското вештачење.
„Ние секогаш работиме според закон, без разлика колку време се водела истрагата. Имаме многу објективни работи што се случуваа. Година и пол чекавме вештачење. Се случуваше тоа што се случи со поранешното СЈО и тие рокови не се преклузивни“,
рече Русковска.
Ова е најобемната финансиска истрага што ја започна СЈО во својот мандат. Од тимот што го предводеше Катица Јанева објавија дека ја отвориле оваа истрага на 9 ноември 2018 година. Надлежна обвинителка беше Лиле Стефанова, која по преземањето на предметите од редовните обвинителства остана надлежна во случајот, а како „засилување“ беше назначена и обвинителката Гордана Смаќоска.

Во „Империја“, како што своевремено соопшти СЈО, станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. На листата со осомничени што тогаш ја објави СЈО се најдоа 12 лица, меѓу кои бизнисменот Јордан (Орце), Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ. Дали истите осомничени ќе останат на списокот, одговорот наскоро треба да го даде Обвинителството со поднесување на обвинението.
Во меѓувреме, како што веќе се пишуваше во јавноста, дел од „Империја“ дојде до обвинение и во тек е судскиот процес. Станува збор за случајот „Плацови на Водно“, кој произлезе како засебен предмет, а во кој првообвинет е експремиерот Никола Груевски кому му се суди во отсуство. На обвинителна клупа во овој предмет седат и споменатите Камчев и Мијалков, како и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Груевски се товари дека како лидер на ВМРО-ДПМНЕ со партиски пари купувал имот за себе, од кој во обвинението опфатени се парцели на Водно и во Крушево и станови во Скопје. Во шемата за купување и перење на парите, според Обвинителството, вмешани се и форми, меѓу кои и офшор-компанија, а кои се поврзуваат со дел од обвинетите.
- Судот го прифати обвинението: На 16 јули почнува судењето за „Плацовите на Водно“
- „Призма“: Првото делче од „Империја“ пред обвинение
Обвинение и за „Пациент“, но не и за Бујар Османи

Покрај „Империја“, пред обвинение е и „Пациент“.
„Предметот ’Пациент‘ е во фаза на подготвување на обвинение против 14 лица откако за едно лице во април 2020 година беше запрена истрагата“,
велат од Обвинителството.
Лицето за кое е запрена истрагата е актуелниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, кој се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластувања за периодот кога беше министер за здравство. Истрагата во „Пациент“ се однесува на злоупотреби со тендери за градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи.
Кај Османи, како што објаснија од Обвинителството пред две години кога ја запреа истрагата, немало свест и волја за извршување на кривичното дело.
Се спасија и Али Ахмети, Никола Груевски и Никола Тодоров

Од поднесување обвинение од отворените истраги на СЈО се спасија и поранешните коалициски партнери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тие заедно беа осомничени во случајот „Попис“, кој се однесува на пропаднатиот попис на населението во 2011 година. Истрагата пропадна кон крајот на 2020 година бидејќи не беа собрани доволно докази за да може кривично да се гонат. Прибраните докази, рекоа тогаш од Обвинителството, не упатуваат дека „осомничените преземале дејствија со кои би биле исполнети законските обележја на делото за кое се гонат или за кое било друго дело за кое се гони по службена должност“.
Меѓу запрените четири истраги е и „Рендген“, каде што единствен осомничен беше поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Случајот е за сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со фаворизирање фирма при јавна набавка на рендген-апарати за радиолошките служби во четири здравствени установи. Меѓутоа, Обвинителството заклучи дека тоа за што беше осомничен Тодоров не е кривично дело за кое се гони по службена должност.
„По спроведената истражна постапка е донесена наредба за запирање на истрагата бидејќи делата што му се ставаат на товар на осомничениот не се кривични дела што се гонат по службена должност“,
велат од Обвинителството.
Истото објаснување оттаму го дадоа и за запирање на истрагата „Хармонија“, која се однесува на продавање атрактивни парцели кај касарната „Илинден“ во 2012 година, а во која осомничени беа експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски, актуелен и тогашен градоначалник на Карпош.
Предметот на кој СЈО му даде кодно име „Базни станици“, исто така, пропадна. Меѓутоа, оваа истрага се прекина со оглед дека почина поранешниот извршен директор на „Т-мобиле“, Жарко Луковски, кој беше единствен осомничен.
„Актор“ и „Подарок“ чекаат меѓународна помош, „Пропаганда“ на вештачење
Трите предмети од СЈО за кои истрагата сè уште е во тек се „Актор“, „Подарок“ и „Пропаганда“. За првите два, велат од Обвинителството, се чека меѓународно вештачење.
„Предметот ’Актор‘, во кој се осомничени 11 физички и четири правни лица, е во истражна постапка, се очекува постапувањето по побараната меѓународна правна помош од Р Грција. Вообичаено, постапките во кои се бара меѓународна правна помош изискуваат време за постапување, но во овој случај се неопходни, дотолку повеќе што во предметот поголемиот број од осомничените се странски државјани и странски правни лица“,
објаснуваат од Обвинителството за случајот кој се однесува автопатот Смоквица-Демир Капија.
„Подарок“, пак, се однесува на изградбата на гасоводната делница Клечовце-Штип и за овој случај, велат од Обвинителството, меѓународната правна помош бара подолг временски период за постапување. Осомничени во овој случај се ексминистрите Зоран Ставрески и Миле Јанакиески, како и бившиот директор на „Македонски енергетски ресурси“, Крсте Миладинов.
„Пропаганда“ важи за еден од пообемните истраги кои останаа од СЈО, а се однесува на трошење буџетски пари за медиумски и преземање локални телевизии со цел да се влијае на нивната содржина, односно да се фаворизира поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Осомничени се вкупно девет лица поврзани со медиумите, меѓу кои и Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Од Обвинителството велат дека прибрале обемен материјал што сега треба да се вештачи, а потоа јавниот обвинител ќе донесе одлука дали ќе ја продолжи истрагата или не.
Спласна ли ентузијазмот за предметите на СЈО?

За впечатокот околу напредокот на предметите разговаравме и со двајца долгогодишни новинари кои ја следат работата на обвинителствата. Новинарката и уредничка Гордана Дувњак вели дека и покрај тоа што во последните месеци неколку од истрагите завршија со обвинение и некако „на мускули“ влегоа во судската процедура, сепак, нејзиниот генерален впечаток е оти некако е спласнат ентузијазмот за продолжување на преостанатите истраги.
„Дел од истрагите веќе се затворија, поради недостиг на докази, во кои ’случајно‘ се вмешани актуелни функционери од власта. Тоа зборува можеби за обвинителски опортунизам и желба за побезбедна комфор зона и незамерување или, пак, за преголемо потпирање во истрагите само на транскриптите од ’бомбите‘ без да се обезбедат и други докази. А, во оние случаи каде што сè уште постои некаков елан и упорност од поранешни обвинители од СЈО истрагата да се доведе до крај, како во случајот ’Империја‘, се наидува на многу блокади околу вештачењето, кое и без тоа е многу обемно и комплицирано и содржи над 80 000 страници документи“,
вели Дувњак.
Новинарката потсетува и дека еден дел од обвинителите на СЈО не беа избрани во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и се вратија во матичните обвинителства, па претпоставува дека и притисокот од другите предмети, кадровскиот и временскиот недостиг, покрај немањето некој посебен интерес да се окончаат истрагите, влијаат на целата ситуацијата.

На перцепцијата дека правдата е тешко достапна, според Дувњак, влијаат и малобројните правосилни пресуди и во случаите за кои СЈО во фамозниот рок од 18 месеци успеа да поднесе обвинение, како и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта.
„Да не зборуваме дека главниот виновник за многу од овие процеси е сè уште на слобода, со речиси никакви шанси да биде екстрадиран во земјава и додека дел од неговите најблиски соработници со години се влечкаат по судови, тој од безбеден простор дели политички лекции за моралност и за партизираност на судството“,
вели новинарката.
Целата оваа приказна околу СЈО, додава нашата соговорничка, може да ја „дозакопа“ одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, каде што дел од обвинетите се жалеа поради повлекувањето на помилувањата од поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов.
„Во целиот овој амбиент на општа разочараност од ефикасноста на правната држава се вклопува и исчекувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур околу дадените помилувања од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, која може да го зададе конечниот удар и дефинитивно да ја дозакопа целата приказна околу СЈО и ’нема правда, нема мир!‘“,
смета Дувњак.
- Маричиќ: Лица од предметите на СЈО се жалат во Стразбур, ама тоа не значи дека важи колективната аболиција на Иванов
- Владата со одговор до Стразбур: Нема да се спогодиме со ексфункционерите обвинети од СЈО
Сличен е впечатокот и на новинарот Васко Маглешов кој, сепак, посочува дека овде не станува збор за „обичен“ криминал, и тоа што редовните обвинителства ги немаат капацитетите на СЈО не може да биде оправдување.
„Евидентно е дека најголемиот дел од истрагите на СЈО се закожурчени во очигледната инертност на обвинителскиот систем. Јасно е дека компактноста и инфраструктурата што ги имаше СЈО беа клучот за навремено постапување, а тоа сега не е случај. Факт е дека во редовните обвинителства нема ниту доволно луѓе ниту услови како во СЈО. Но, тоа не може да биде изговор за ова непримерно одолговлекување. Тоа не се предмети со ’обичен‘ криминалитет“,
вели Маглешов.
Со сегашнава состојба, вели новинарот, настани што се случиле меѓу 2008 и 2015, Обвинителството ги истражува во 2022 година, а покрај за истрагите тој како примери посочува и предмети што беа во предистрага.

„Земете ја само за пример предистрагата за проектот ’Скопје 2014‘. Цели 12 години по промовирањето на проектот и откако првите багери почнаа да копаат, предметот уште левитира. Сè уште е во предистрага поради неможноста обвинителите со години да се договорат како да го квалификуваат делото за потенцијалните осомничени. Прашањето е кога ќе премине во истрага и колку време ќе треба за да стигне до обвинение, па до првостепена и до правосилна пресуда. Или истрагата за проектот ’Актор‘. За сомнежите за криминални исплати за изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица се пишуваше во 2014 година. Се чекаше меѓународна правна помош. Самото Обвинителство ѝ должи на јавноста проактивна транспарентност и одговори за тоа дали и како напредуваат истрагите, а тоа очигледно не се случува“,
вели Маглешов.
Тромавоста на обвинителскиот систем, како што ја нарекува тој, им оди во прилог на осомничените.
„Притоа секогаш постои и можноста од застарување на одредени кривични дела, а тоа ја урива довербата на граѓаните во правната држава“,
додава Маглешов.
Дали се задоволни од динамиката и досегашните резултати за истрагите што останаа од СЈО, прашавме и во Министерството за правда. Но, на нашето прашање испратено на 2 март, до објавување на текстот, не добивме одговор од прес-службата на ова министерство.
Порака од САД: Да се завршат случаите на СЈО
Неодамна за предметите што останаа од СЈО во интервју за ТВ 21 зборуваше и американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, посочувајќи дека итно треба да се завршат овие случаи, да се обработат во системот и да се види правда во предметите.
„Искуството и особено тоа што уште има случаи од поранешното СЈО кои се во системот, покажува дека луѓето сакаат правда. Сакаат случаите да поминат низ системот, да бидат обработени од способни професионалци, без политичко мешање и со конечно решение со кое ќе се одреди одговорноста за криминалот што ќе се докаже дека бил извршен“,
рече Брнз во интервјуто.
Обвинителството гледа повеќе фактори што влијаат на неговата работа

Обвинителството од своја страна, пак, за времетраењето на постапките наведува повеќе причини, како обемноста на предметите, зависноста на други институции, пандемијата на ковид-19 …
„Предметите што се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се вообичаено обемни предмети што бараат време и посветеност. Воедно, истражната и предистражната постапка подразбираат преземање на процесни дејствија не само од страна на обвинителот што постапува во предметот, туку и на други институции и лица со чија помош обвинителот обезбедува доволно цврсти докази што ќе ја поткрепат неговата јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. Во овој период екстензивноста на времетраењето на постапката, покрај другото, е и како резултат на ограничувањата предизвикани од пандемијата, како и условите за работа на јавните обвинители кои постапуваат по предметите“,
велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.