Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за случајот што го отвори поранешното СЈО за дивоградбата спроти Амбасадата на САД во Скопје.
Иако кодното име на предметот алудира на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на лидерот ма ДУИ, Али Ахмети, кои во бомбите зборуваа за овој објект, тие не се обвинети, туку инвеститорот. Тој се гони за бесправно градење.
„Во периодот од септември 2011 до февруари 2013 година, обвинетиот градел на земјиште во државна сопственост на булеварот ‘Никола Карев’ во Скопје, за кое во 2004 година имал склучено Договор за закуп и користење на пасишта со ЈП за пасишта – Подружница Бит-пазар – Скопје. Иако согласно договорот бил корисник на земјиштето за период од 10 години, тој инвестирал во градба на армирано-бетонски објект од втора категорија. Без одобрение за градба, тој изградил станбена зграда на два ката со вкупна корисна површина од 1 001 квадратен метар со деловен простор и шест стана“,
соопштија од ОЈО Скопје.
Ова е последниот од неколкуте случаи на СЈО што ги презедоа редовните обвинителства и за кои се поднесуваат обвиненија.
Претходно обвиненија се поднесоа и за „Моќник“ и „Друмарина“, за кои е започнат и судскиот процес, како и за случајот „Поштенска банка“, за кој се чека одлука од судот дали ќе го прифати обвинението.