Премиерот нагласи дека се согласува Обвинителството да отвори случај и да проведе истрага, по што ќе се види што ќе каже таа истрага
Во одговор на новинарско прашање кога ќе се официјализира купувањето на банката, тој рече дека очекува кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата

Опозициската СДСМ ќе остане разочарана бидејќи нивните сценарија за неизвесност и стечај на Алта банка нема да се реализираат. Ќе имаме финансиска институција, односно банка која ќе биде сопственик на Алта банка, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Охрид.
„СДСМ има амбиција испреплетена со црни сценарија, а ние имаме амбиција да ја спасиме банката и таа да продолжи да функционира. Ова е многу важно за доверителите и за сите кои се во релација со банката, а е лоша вест за опозицијата која на дневна основа водеше кампања дека таа ќе заврши во стечај“,
истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека се согласува Обвинителството да отвори случај и да проведе истрага, по што ќе се види што ќе каже таа истрага.
Тој потенцираше дека Владата не избира кој може, а кој не може да работи, туку дека секој што ги исполнува сите законски услови и критериуми има право да биде дел од македонскиот пазар.
„Ние не можеме како Влада да бираме кој ќе работи или кој нема да работи. Ако од опозициската СДСМ правеле во минатото кој може да работи и како да работи, ако само неколку фирми коишто биле блиски до нив и до семејството тогашно, знаете кој можел да работи, ние тоа не го правиме, бидејќи секој оној којшто работи на една слободна, пазарна, демократска и би рекол трговска основа може да работи тука“,
рече Мицкоски.
Во однос на тоа како српскиот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, ја добил лиценцата во Македонија, Мицкоски истакна дека тој претходно се стекнал со право да работи и на пазарот во Австрија со дозвола од австрискиот регулатор за акции во Адико банка, како и во деловни односи со „Рајфајзен банка“.
„Тоа што го зборува опозицијата е само политичка естрада, фолклор и јас го класифицирам во таа група, тоа е политичко мочуриште. Замислете ако на тој начин размислуваат сега кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат, на пример, ’Алкалоид’ да не продава лекови во Србија, АС-ПАК да не продава мрежи во Србија, ’Витаминка’ да не продава кондиторски производи во Србија, ’Стокомак’ да не продава и да не формира свои ланци таму на продажби и така натаму“,
додаде тој.
Според Мицкоски, ако земјата влезе во вакви односи на билатерална основа, тогаш вели дека лошо се пишува и на економијата, но и на генерално политичките односи во една држава.
Во одговор на новинарско прашање кога ќе се официјализира купувањето на банката, тој рече дека очекува кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата.
Вели дека се поминати трите дена за информирање на регулаторот во Србија и оти во тек е рокот од 10 дена за да се даде право на Народната банка преку аукција да ги оттуѓи акциите.
Потоа рече дека ќе следат пет дена за лиценцирање на сите потенцијални понудувачи.
Според Мицкоски, аукцијата се очекува да биде закажана кон крајот на овој или почетокот на следниот месец.
Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка. Сопственикот на банката, Мацура, беше уапсен на 2 ноември, а по сослушувањето пред Обвинителството за организиран криминал, како што соопшти неговиот адвокат, тој ги отфрлил обвинувањата од кривичната пријава.
На 4 ноември, Вишиот суд во Белград на Мацура и на уште двајца вработени во банката им одреди 30-дневен притвор.
Сопственикот на Алта банка е осомничен дека ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел пари во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра. На останатите двајца вработени им се става на товар дека му помогнале во извршувањето на кривичното дело.
Што се однесува до Алта банка АД Битола, која е посебен правен субјект во однос на Алта банка Белград, но е поврзана преку сопственичката структура, Народната банка на Македонија веднаш по случувањата во Србија донесе одлука за воведување привремена администрација, како и ограничувања за нејзините корисници. Така, физичките лица имаат неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, а внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Од денеска, преку посебни шалтери граѓаните кои немаат платежни картиќки ќе можат да подигаат по 20 000 денари на неделна основа.
Од опозицискиот СДСМ на прес-конференции и преку соопштенија постојано повикуваат Обвинителството да отвори истрага против премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кои според нив се главните виновици за влегувањето на Алта банка во Македонија, иако извесен период била под надзор на европски банкарски авторитети поради сомневања во законитоста на нејзиното работење.
Денеска од СДСМ го повикаа Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институција Ненад Савески веднаш да отвори истрага за влезот на Алта банка во Македонија, пред да биде доцна. Во спротивно, социјалдемократите најавуваат дека тие ќе поднесат кривични пријави за случаите.
