Постапката е запрена само против Османи, за останатите 14 осомничени истрагата завршила во март и во тек е доставувањето на известувања за завршувањето, по што би требало да има одлука во врска со покренувањето на обвинителен акт
Кај вицепремиерот Бујар Османи немало свест и волја за извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, велат од Обвинителството откако вчера потврдија дека е запрена истрагата против функционерот од ДУИ во случајот „Пациент“.
Случајот се однесува на периодот кога Османи беше министер за здравство. Истрагата во октомври 2018 ја отвори СЈО и е во врска со злоупотреби со тендери за градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи. Сега, предметот е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, од каде во објаснувањето за запирањето на постапката против актуелниот вицепремиер посочуваат дека делото кое му се ставало на товар не е кривично дело за кое се гони по службена должност.
„Од прибавените материјални и вербални докази обвинителството утврди дека отсуствуваат објективните и субјективните обележја на кривичното дело, односно дека кај осомничениот не постои неизвршување на службената должност, ниту умисла за сторување на делото. Имајќи ја предвид тендерската документација и многубројните прилози кон понудите по огласите за јавна набавка, обвинителството врз основа на доказите прибрани во истрагата, утврди дека осомничениот постапувал во рамките на своите службени овластувања. Со прифаќањето на предлозите на Комисијата за јавни набавки за избор на најповолна понуда по двата огласи, кај осомничениот немало свест за делото, ниту волја за негово извршување“,
објаснуваат од Обвинителството.
Покрај Османи, кога СЈО ја отвори истрагата информираше дека се однесува на уште 14 лица. Истрагата за нив, велат од обвинителството, е завршена во март годината и во тек е доставување на известувањата дека истата е завршена, по што најавуваат дека ќе следува и одлука дали ќе се покренува обвинение.
Веста дека нема да го гонат во предметот „Пациент“, вицепремиерот ја објави сам на социјалните мрежи вчеравечер. Во одговорот кој го добивме од Обвинителството се посочува дека наредбата за запирање е донесена пред повеќе од два месеци, на 21 април 2020.
Сите случаи од СЈО (судски предмети, истраги, предистражни постапки) по оставката на Катица Јанева ги преземаа редовните обвинителства. Судските предмети брзо добија и ново-стари обвинители кои ќе ги застапуваат односно републичкиот обвинител Љубомир Јовески им даде овластувања на обвинителите кои работеа во СЈО (сега се вратени во матичните обвинителства), да продолжат да ги застапуваат. Потоа се распоредија и истрагите, вкупно 19. И нив ги продолжија истите обвинители што ги водеа конкретните предмети додека беа во СЈО. Но, во одредени случаи, добија и помош со назначување на дополнителни обвинители.