Случајот „Моќник“ е првата истрагата на СЈО, која беше преземена од страна на редовните обвинителства, а за која е поднесен обвинителен акт.
Според јавно достапните податоци, редовните обвинителства од СЈО презедоа 19 истраги. Преземањето се случи во септември лани, а на почетокот на 2020 година тие добија и старо-нови обвинители. Во предметите останаа истите обвинители, а во одредени беа назначени и дополнителни.
„Моќник“ е во рацете на скопското обвинителството, а истрагата за него уште во периодот на СЈО ја водеше Фатиме Фетаи. Најзвучното име меѓу обвинетите во овој предмет е пратеникот Антонијо Милошоски. Тој е третообвинет за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања, а во случајот за измама се товарат и неговиот татко и поранешниот градоначалник на Македонски Брод. Обвинителен предлог во рамки на предметот утрово е поднесен и за првиот човек на некогашната Комисија за лустрација Томе Аџиев и за девет нејзини членови, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинението се однесува на продажба на државен имот со измама и за нарачување лустрација на судија.
Ова е единствената истрага за кој досега, барем во јавноста, е познато дека завршила со поднесување обвинителен акт.
„Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците“, реагира Милошоски на обвинението.
Меѓу 13 – мината обвинети во „Моќник“ се и членот од СДСМ во Државната изборна Комисија Јанаќе Витаноски и Вецко Здравевски, сопруг на скопска обвинителка, како поранешни лустратори.
Империја, Поштенска банка, Рентген… – кој е следен?
Другите истражни постапки кои чекаат епилог (запирање или поднесување обвинение) се: „Империја“, „Поштенска банка“, „Пациент“, Рендген“, „Продуцент“, „Друмарина“, „Лидери“, „Попис“, „Актор“, „Странски служби“, „Дизајн“, „Пропаганда“, „Хармонија“, „Базни станици“, „Подарок“ „Табла“, „Транспортер 2“ и „Тарифа 2“.
Досега е познато дека е завршена и истрагата за случајот „Пациент“, но за неа сѐ уште не е објавено дали ќе има обвинение или не. Познато е дека во предметот беа опфатени 15 лица, меѓу кои и актуелниот вицепремиер Бујар Османи, но во јуни годинава обвинителството потврди дека постапката против функционерот од ДУИ е запрена. Случајот се однесува на периодот кога Османи беше министер за здравство и е во врска со злоупотреби со тендери за градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи. Османи повеќе не е на листата осомничени, бидејќи, како што рекоа од обвинителството, кај него немало свест и волја за извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
За другите осомничени, според информациите од јуни, се доставувале известувања за завршена истрага, по што најавија и одлука дали и против колку ќе биде покренато обвинение. Овој предмет е во рацете на обвинителот Трајче Пеливанов.
Од истрагите на СЈО најголемо внимание на јавноста привлекува „Империја“, која се однесува на финансиски криминал, а во која се осомничени бизнисменот Орце Камчев и членови на неговото семејство, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и десетина други лица.
Предметот сега е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Обвинителката Лиле Стефанова остана во истрагата, но доби и засилување од нејзината колешка Гордана Смаќоска. Меѓу последните официјални информации што беа објавени во јавноста е дека предметот е испратен на вештачење и има уште неколку сведоци за сослушување.
„Предметот е даден на вештачење, ќе се изврши материјално-финансиско вештачење. Треба да се сослушаат неколку сведоци за кои колешките сметаат дека се неопходни, но тоа ќе оди паралелно додека тече вештачењето“,
изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска на 21 јули 2020.
Редовните обвинителства ги презедоа предметите на 6 септември лани или половина месец откако шефицата на СЈО заврши во притвор како осомничена во предметот „Рекет“ (сега осудена со неправосилна пресуда на седум години затвор). По преземањето, приоритет со назначување на обвинители, републичкиот обвинител Љубомир Јовески им даде на предметите што се наоѓаа во судска постапка. И во нив тој им даде овластувања на обвинителите што ги водеа случаите и во СЈО.