Случајот се однесува на преземањето на Поштенска банка, а обвинетите се товарат дека зеле кредити од банки, кои ги враќале со пари од новокупената банка во која имале акции, а потоа се ослободиле од акциите со тоа што ги дале како гаранција за земени кредити од Еуростандард банка. Кредитите не ги вратиле и така ги изгубиле акциите
Обвинителниот акт за предметот „Поштенска банка“ е прифатен во целост и наскоро треба да се закаже почетокот на судскиот процес, информираше Основниот кривичен суд во Скопје.
Предметот сега преку АКМИС системот треба да се распореди кај судија и потоа да се одреди и датумот за првото рочиште.
Во случајот обвинети се девет лица меѓу кои Коле Смилевски, бизнисменот од Гевгелија, Томе Главчев и бизнисменот и ексградоначалник на Кочани, Ратко Димитровски. Кривичните дела опфатени со обвинението се злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за перење пари.
Истрагата за „Поштенска банка“ беше отворена на 13 ноември 2018, а обвинението беше поднесено на 15 декември 2020. Случајот го отвори СЈО, а по згаснувањето тој заврши под надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителот и обвинети од „Поштенска банка“ сведочеа и во „Рекет“
Обвинителот која ја водеше истрагата во СЈО, а потоа остана надлежен за предметот, е Бурим Рустеми. Тој беше и еден од сведоците во предметот „Рекет“ каде заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, е осудена и неговата поранешна шефица, Катица Јанева.
„Поштенска банка“ заедно со „Империја“ беа двата предмета кои се споменуваат во „Рекет“, а кои се посочуваа како случаи за кои Јанева барала да се затвори случајот со спогодба. Рустеми во сведочењето рече дека го сметал за апсурдно барањето на неговата шефица Катица Јанева да се изготви извештај за овој и за случајот „Империја“ за тоа колку штета треба да платат осомничените и да се затвори предметот во истрага, без некој да оди во затвор.
Како сведоци во „Рекет“ се појави и сега обвинетите во „Поштенска банка“, бизнисмените Томе Главчев и Зоранчо Митровски.
Што содржи обвинението?
Според соопштението кое беше објавено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пред околу 11 месеци кога беше поднесено обвинението, на тројца од обвинетите (К.С., Т.Г. и Р.Д.) им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а заедно со другите шестмина (З.Ш, В.Ш, В.Д, В.П, Г.К и З.М.) се товарат за кривичното дело перење пари.
Според обвинителството, дејствијата на обвинетите почнале на почетокот на 2001 година. К.С., во тој период како директор на штедилница во државна сопственост, со Т.Г. и Р.Д. договорил на кој начин, при трансформација на штедилницата во банка, како основачи да се јават и фирмите на бизнисмените Т.Г. и Р.Д. Двајцата со своите фирми подигнале краткорочни кредити од комерцијални банки кои потоа требало да ги вратат со кредити од новата банка.
„Така, првообвинетиот К.С., како генерален директор во банката, со цел да го исполни договорот, склучил договори за кредити со седум правни лица што ги избрале обвинетите Т.Г. и Р.Д. и им одобрил и исплатил кредити во вкупен износ од 144 500 000 денари или 2 349 594 евра. Потоа, обвинетите Т.Г. и Р.Д. по основа на наводни позајмици, организирале исплатените средства да бидат уплатени на нивните правни лица. Со паричните средства на име позајмица обвинетите Т.Г. и Р.Д. го исплатиле кредитот земен за основачки влог во комерцијалните банки“,
соопшти тогаш Обвинителството.
Со ова, потенцираа оттаму, двајцата бизнисмени го прекршиле Законот за банки, кој предвидува дека банката не може да одобри кредит што директно или индиректно ќе се искористи за купување акции во истата банка.
Меѓутоа, тие добиле акции во трансформираната банка и со тоа противзаконски станале основачи. Според Обвинителството, Т.Г. и Р.Д. ги искористиле своите позиции и овозможиле друштвата што добиле кредити воопшто да не го враќаат долгот кон банката.
Понатаму, предметот опфаќа и активности со кои двајцата бизнисмени се стекнале и со две третини од зграда на банката.
„Обвинетиот К.С. со внесување на административно-деловниот објект во изградба со пазарна вредност од 404 590 850 денари или 6 578 713 евра кој бил имот на штедилницата, како имот на банката, овозможил значително да се зголеми вредноста на акциите што ги поседувале фирмите на Т.Г. и Р. Д и како основачи на банката незаконски да се стекнат со 2/3 од вредноста на административно-деловниот објект, односно значителна имотна корист од по 134 863 616 денари или по 2 192 904 евра“,
посочија од Обвинителството.
Понатаму, во тогашното соопштение од се споменуваа и активностите на другите обвинети. Според Обвинителството, директорот К.С. без да се исполнат законските услови одобрувал кредити на друштва и договарал долгот воопшто да не се враќа. Парите, иако биле прибавени незаконски, дел од осомничените ги пуштале во оптек. Меѓу нив се веќе споменатите Т.Г. и Р.Д., како и З.Ш., В.Ш. и В. Д.
Обвинителството во понатамошните активности констатира уште едно прекршување на Законот за банки бидејќи шест друштва (фирми) во периодот од 2002-2004 година се обиделе да купат акции на банката од втората емисија, со пари од истата банка. Меѓутоа, Народната банка не го одобрила спроведувањето на втората емисија, а директорот КС, според Обвинителството, иако го знаел тоа, без никаква правна основа склучил договор за надомест на штета со управителите на тие фирми. Така, банката како штета им исплатила 81 703 461 денари (над 1,3 милион евра). Со овие пари, кои обвинетите ги зеле како отштета, си отплатиле поголем дел од обврските и кредитите.
Во сложената финансиска шема што ја презентираше тогаш Обвинителството понатаму се споменуваат и дејствија на почетокот на 2005 година, кога двајцата бизнисмени Т.Г. и Р.Д. се ослободиле од акциите во Поштенска банка.
„На почетокот на 2005 година, кога станале свесни дека со нивната противправна имотна корист ја оштетиле Македонска пошта, единствениот реален основач на банката, за вкупен износ од 8 134 504 евра, го искористиле капиталот на банката и за да одбегнат добивање согласност од Македонска пошта како акционер со златна акција, ги отуѓиле акциите евидентирани на нивните правни лица“,
рекоа од Обвинителството.
За таа цел тие подигнале кредити од 144 милиони денари (над 2,3 милиони евра) и 100 милиони денари (над 1,6 милион евра) од Еуростандард банка, а како гаранција ги дале акциите што ги поседуваат нивните фирми.
„Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции. Обвинетите Т.Г и Р.Д. со паричните средства од кредитот на Еуростандард банка исплатиле дел од противправно прибавена корист во вкупна вредност од 241 343 619 денари (речиси 4 милиони евра) на име на кредити што биле употребени за стекнување на основачки влог во банката и фиктивни кредити кои индиректно ги користеле за сопствени потреби“,
објаснија тогаш од Обвинителството.
Застареа делата за Љупчо Георгиевски, Никола Груевски и Марјан Ѓорчев
Кога СЈО ја отвори истрагата во 2018 година, како осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување ги спомена и поранешни високи функционери односно експремиерот Љубчо Георгиевски, вицепремиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, како министер за финансии во владата на Георгиевски. Меѓутоа, како што нагласија тогаш од СЈО, тие не се гонат поради застарување на делото.