Во потресот се урнаа најмалку 86 згради, а седум аеродроми прекинаа со работа
Најмалку 132 лица загинаа, а повеќе од 480 се повредени во разорниот земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди западниот дел на Колумбија. Бројот на жртви веројатно ќе се зголеми, бидејќи се стравува дека има повеќе заробени под урнатините на зградите.

Во меѓувреме, спасувачките екипи се на терен во потрага по преживеани.
Во потресот се урнаа најмалку 86 згради, а седум аеродроми низ земјата прекинаа со работа. Во градот Переира, кој се граничи со Сан Хозе дел Палмар – местото каде што е регистриран епицентарот на земјотресот – регистрирани се најголем број од жртвите.
Колумбиската влада прогласи состојба на национална катастрофа, а претседателот Абелардо де ла Есприела лично ја презеде координацијата на спасувачките операции.
Геолошката служба на Колумбија го смета вчерашниот потрес за најсилен во последната деценија во земјата. Бил почувствуван низ целата земја, но и во соседните држави на јужноамериканскиот континент – Венецуела, Еквадор и Панама. По првичниот, регистрирани се два последователни потреси со магнитуда од 2,8 и 4,8 степени.
