Случајот се однесува на преземањето на Поштенска банка, а обвинетите се товарат дека земале кредити од банки, кои ги враќале со пари од новокупената банка во која имале акции, а потоа се ослободиле од акциите со тоа што ги дале како гаранција за земени кредити од Еуростандард банка. Кредитите не ги вратиле и така ги изгубиле акциите
Во денешното соопштение Обвинителството ги наведува само иницијалите на обвинетите, но имињата главно се познати во јавноста, бидејќи пред две години, кога СЈО ја отвори истрагата, соопшти дека на списокот осомничени се и Коле Смилевски, бизнисменот од Гевгелија, Томе Главчев и бизнисменот и ексградоначалник на Кочани, Ратко Димитровски
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Поштенска банка“, истрага што претходно ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а потоа со другите предмети премина во рацете на редовните обвинителства, но надлежниот обвинител остана ист, Бурим Рустеми.
Девет лица се обвинети за перење пари во вредност од над 9 милиони евра.
Истрагата беше отворена пред повеќе од две години, на 13 ноември 2018, а заврши пред нешто повеќе од два месеца, по што следуваше период во кој се испраќаа известувања до осомничените.
На тројца од обвинетите (К.С., Т.Г. и Р.Д.) им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а заедно со другите шестмина (З.Ш, В.Ш, В.Д, В.П, Г.К и З.М.) се товарат за кривичното дело перење пари.
Станува збор за сложена финансиска истрага, според која дејствијата на обвинетите почнале на почетокот на 2001 година.
Според Обвинителството, К.С., во тој период како директор на штедилница во државна сопственост, со Т.Г. и Р.Д. договорил на кој начин, при трансформација на штедилницата во банка, како основачи да се јават и фирмите на бизнисмените Т.Г. и Р.Д. Двајцата со своите фирми подигнале краткорочни кредити од комерцијални банки кои потоа требало да ги вратат со кредити од новата банка.
„Така, првообвинетиот К.С., како генерален директор во банката, со цел да го исполни договорот, склучил договори за кредити со седум правни лица што ги избрале обвинетите Т.Г. и Р.Д. и им одобрил и исплатил кредити во вкупен износ од 144 500 000 денари или 2 349 594 евра. Потоа, обвинетите Т.Г. и Р.Д. по основа на наводни позајмици, организирале исплатените средства да бидат уплатени на нивните правни лица. Со паричните средства на име позајмица обвинетите Т.Г. и Р.Д. го исплатиле кредитот земен за основачки влог во комерцијалните банки“,
велат од Обвинителството.
Со ова, потенцираат оттаму, двајцата бизнисмени го прекршиле Законот за банки, кој предвидува дека банката не може да одобри кредит што директно или индиректно ќе се искористи за купување акции во истата банка.
Меѓутоа, тие добиле акции во трансформираната банка и со тоа противзаконски станале основачи. Според Обвинителството, Т.Г. и Р.Д. ги искористиле своите позиции и овозможиле друштвата што добиле кредити воопшто да не го враќаат долгот кон банката.
Понатаму, истрагата опфаќа и активности со кои двајцата бизнисмени се стекнале и со две третини од зграда на банката.
„Обвинетиот К.С. со внесување на административно-деловниот објект во изградба со пазарна вредност од 404 590 850 денари или 6 578 713 евра кој бил имот на штедилницата, како имот на банката, овозможил значително да се зголеми вредноста на акциите што ги поседувале фирмите на Т.Г. и Р. Д и како основачи на банката незаконски да се стекнат со 2/3 од вредноста на административно-деловниот објект, односно значителна имотна корист од по 134 863 616 денари или по 2 192 904 евра“,
посочуваат од Обвинителството.
Понатаму, се споменуваат и активностите на другите обвинети. Според Обвинителството, директорот К.С. без да се исполнат законските услови одобрувал кредити на друштва и договарал долгот воопшто да не се враќа. Парите, иако биле прибавени незаконски, дел од осомничените ги пуштале во оптек. Меѓу нив се веќе споменатите Т.Г. и Р.Д., како и З.Ш., В.Ш. и В. Д.
Обвинителството во понатамошните активности констатира уште едно прекршување на Законот за банки бидејќи шест друштва (фирми) во периодот од 2002-2004 година се обиделе да купат акции на банката од втората емисија, со пари од истата банка. Меѓутоа, Народната банка не го одобрила спроведувањето на втората емисија, а директорот КС, според Обвинителството, иако го знаел тоа, без никаква правна основа склучил договор за надомест на штета со управителите на тие фирми. Така, банката како штета им исплатила 81 703 461 денари (над 1,3 милион евра). Со овие пари, кои обвинетите ги зеле како отштета, си отплатиле поголем дел од обврските и кредитите.
Во сложената финансиска шема што ја презентира Обвинителството понатаму се споменуваат и дејствија на почетокот на 2005 година, кога двајцата бизнисмени Т.Г. и Р.Д. се ослободиле од акциите во Поштенска банка.
„На почетокот на 2005 година, кога станале свесни дека со нивната противправна имотна корист ја оштетиле Македонска пошта, единствениот реален основач на банката, за вкупен износ од 8 134 504 евра, го искористиле капиталот на банката и за да одбегнат добивање согласност од Македонска пошта како акционер со златна акција, ги отуѓиле акциите евидентирани на нивните правни лица“,
велат од Обвинителството.
За таа цел тие подигнале кредити од 144 милиони денари (над 2,3 милиони евра) и 100 милиони денари (над 1,6 милион евра) од Еуростандард банка, а како гаранција ги дале акциите што ги поседуваат нивните фирми.
„Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции. Обвинетите Т.Г и Р.Д. со паричните средства од кредитот на Еуростандард банка исплатиле дел од противправно прибавена корист во вкупна вредност од 241 343 619 денари (речиси 4 милиони евра) на име на кредити што биле употребени за стекнување на основачки влог во банката и фиктивни кредити кои индиректно ги користеле за сопствени потреби“,
објаснуваат од Обвинителството.
Покрај поднесеното обвинение, Обвинителството за гонење организиран криминал донело и наредба да се процени веќе замрзнатиот имот на обвинетите, како и на дополнителен имот, со цел доколку случајот заврши со осудителна пресуда да се направи конфискација.
Во денешното соопштение, Обвинителството ги наведува само иницијалите на обвинетите, но имињата се веќе познати во јавноста бидејќи пред две години СЈО со отворање на истрагата ги објави во целост, па така меѓу нив се и Коле Смилевски, Томе Главчев и Ратко Димитровски.
Тогаш СЈО соопшти дека станува збор за финансиска истрага тешка 5 милиони евра, но истрагата се прошири, по што денес Обвинителството ги гони осомничените за перење над 9 милиони евра.
Тогаш СЈО во „Поштенска банка“ како осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување ги спомена и поранешни високи функционери односно експремиерот Љубчо Георгиевски, вицепремиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, како министер за финансии во владата на Георгиевски. Меѓутоа, нагласи дека тие нема да се гонат поради застарување на делото. Во денешното соопштение не се споменуваат поранешни функционери.