Истрагата беше отворена на 13 ноември 2018 година од поранешното СЈО. Во меѓувреме, на почетокот на 2019 година истрагата се проширила, па со поднесувањето на обвинението ќе биде познато и колку лица точно ќе бидат обвинети
Обвинителот Бурим Рустеми, кој беше дел од СЈО, ја завршил истрагата за случајот „Поштенска банка“ и почнале да се испраќаат известувања до осомничените, потврди обвинителот за „360 степени“.
Наскоро се очекува да се подигне и обвинение до Основниот кривичен суд во Скопје, кое ќе треба да биде оценето од судот – дали се прифаќа или ќе се врати на доработка.
„Поштенска банка“ сега е во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а истрагата беше отворена на 13 ноември 2018 година од поранешното СЈО. Во меѓувреме, на почетокот на 2019 година истрагата се проширила, па со поднесувањето на обвинението ќе биде познато и колку лица точно ќе бидат обвинети.
Кога СЈО уште во 2018 го презентираше овој случај, соопшти дека станува збор за финансиска истрага која опфаќа повеќе поврзани настани со кои се сториле кривични дела перење пари и во периодот од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист од околу 5 милиони евра. Меѓутоа, по проширувањето на истрагата во 2019, неофицијалните проценки се дека се испрани 8 милиони евра.
Во соопштението на СЈО од 13 ноември 2018, како осомничени беа наведети девет лица: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.
СЈО ги сомничеше по Главчев и Димитриевски дека го сториле и кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, но поради изминатото време, уште тогаш соопшти дека настапила застареност за гонење за ова дело. Од истите причини, во „Поштенска банка“ за злоупотреба на службената положба и овластувања не беа осомничени поранешните високи функционери односно експремиерот Љубчо Георгиевски, вицепремиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски како министер за финансии во владата на Георгиевски.
„Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како премиер, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на ’Поштенска банка‘, организирале во основањето на Банката, покрај ’Македонска пошта‘, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – ’Ноел Експорт импорт‘ Гевгелија и печатница ’Европа 92‘ Кочани. На сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски им било кажано дека во основањето на Банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на ’Поштенска банка‘ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки“,
соопшти тогаш СЈО.
Главчев и Димитровски, тврдеше СЈО, со кредити подигнати од други банки ги уплатиле основачките влогови во „Поштенска банка“, а Смилевски како генерален директор овозможил кредитирање на нивните фирми. Парите кои ги добивале од кредити од „Поштенска банка“ се слевале на сметките на фирмите на Главчев и Димитровски и со нив ги враќале кредитите кои претходно ги зеле од други банки.
„Станува збор за индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што е спротивно на Законот за банки и претставува кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“,
наведе СЈО.
Главчев и Димитровски, искористувајќи ја позицијата на акционери во „Поштенска Банка“, издејствувале кредити и за нивните фирмите „Ноел“ и „Европа 92“, како и на друштва директно поврзани со нив.
„Овие вториве, добиените кредитни средства веднаш ги префрлале на сметките на „Ноел“ и „Европа 92“, кои ги користеле за сопствени потреби. За сите овие одобрени кредити заедничко е дека било договорено воопшто да не се враќаат на Банката, со што била прибавена корист за ’Ноел‘ и ’Европа 92‘“,
наведе СЈО објаснувајќи ја финансиската мрежа на парењето пари.
За да се прекрие фактот дека парите се од незаконски кредити, според СЈО, од 2005-2010 година биле преземени други дејствија за перење пари. Обвинителството тврдеше дека понатаму Главчев и Димитровски преку нивните фирми зеле кредит од „Еуростандард банка“, а како гаранција ги заложиле акциите во „Поштенска банка“. Бидејќи не го вратиле кредитот, „Еуростандард“ ја активирала гаранцијата и станала акционер во „Поштенска банка“.
„На овој начин осомничените со пренос на незаконски стекнатиот имот – акциите во ’Поштенска банка‘ и средствата добиени од кредитите од ’Поштенска банка‘, го прикриле нивното противправно потекло, со што сториле кривично дело перење на пари и други приноси од казниво дело. Дејствијата на осомничените лица не завршуваат тука. Имено, осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски со цел, незаконски да извлечат парични средства од ’Поштенска банка‘ направиле обид за докапитализација на Банката со издавање на втора емисија на акции за однапред познати купувачи“,
наведе СЈО.
Меѓутоа, докапитализацијата била одбиена од Народната банка бидејќи управителите на неколку друштва се обиделе акциите од втората емисија во „Поштенска банка“ да ги купат со пари од таа банка. Според СЈО станува збор за фирмите: „ГД Тиквеш“ АД Кавадарци, „ГП Бетон“ АД Тетово, АД „МИК“ Кавадарци, „Венгал“ АД Скопје, „Езимит Груп“ ДОО Штип и АД „Жито Скопје“ – Скопје.
„Осомничениот Смилевски, со управителите на овие правни лица кои се обиделе да учествуваат во втората емисија на акции, склучил договори и на сите им признал побарување во износ од по 13 милиони денари за наводно обесштетување, иако тие не претрпеле никаква штета и реално немале право на вакво нешто. Притоа, било договорено износот кој го примаат правните лица како обесштетување да биде искористен за затворање на преостанатите обврски кои по основ подигнати кредити од ‘Поштенска банка’ ги имале правните лица ’Ноел Експорт импорт Гевгелија‘ и ’Европа 92 Кочани‘“,
објаснуваа од СЈО.
Предметот „Поштенска банка“ влезе и во записниците од судските рочишта за „Рекет“ каде беше осомничена поранешната специјална обвинителка Катица Јанева заедно со Бојан Јовановски – Боки 13. Имено, овој предмет се споменуваше дека заедно со „Империја“ бил користен за барање пари од осомничени бизнисмени, но оние кои сведочеа не кажаа дека давале пари.
Сведочеше и обвинителот Бурим Рустеми кој рече дека шефицата Јанева на еден состанок од него барала да се изготви извештај за овој и за случајот „Империја“ за тоа колку штета треба да платат осомничените и да се затвори предметот додека е во истрага, без некој да оди во затвор.