„Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд. Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“, се вели во соопштението

Секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет. Ова се наведува во соопштението од Судскиот совет и Здружението на судиите на Република Северна Македонија, а кое е по повод последната одлука на Уставниот суд за поднесување иницијатива до Јавното обвинителство за постапка која ја води конкретен судија.
Иако потенцираат дека целосно го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и дека неговите одлуки се конечни и извршни и оти надлежните државни органи се должни да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од нив, тие предупредуваат на потребата од зачувување на независноста на судовите, законски уредениот тек на судските постапки и правото на користење на предвидените правни лекови.
Велат дека станува збор за одлука на Основниот граѓански суд Скопје која не е правосилна и за која се одлучува по изјавена жалба. Оценката за нејзината законитост е исклучива надлежност на второстепениот суд.
„Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд. Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“,
се вели во соопштението.
Оттука, се вели дека ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет.
Оттаму додаваат дека почитувањето на одлуките на Уставниот суд и независноста на редовните судови не се спротивставени вредности, туку заедно го сочинуваат принципот на владеење на правото.
„Нивната заштита подразбира секој орган да ги остварува своите надлежности во уставно и законски утврдените граници, со должно почитување на надлежностите и независноста на другите органи“,
се додава во соопштението.
Од Судскиот совет и Здружението на судии порачуваат дека остануваат цврсто определени за доследно почитување на Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд, но и за бескомпромисна заштита на независноста на судската власт, правото на правично судење и непреченото функционирање на системот на правни лекови и апелираат на заемно почитување на уставните надлежности за да се зајакне довербата на граѓаните во институциите.
Реакцијата доаѓа откако минатата недела Уставниот суд соопшти дека ги известил Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил неговата одлука.
Имено, Уставниот суд утврдил повреда на слободите и правата на Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.6.2022 и втората од Апелацискиот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката за повторување на постапката.
Од Уставниот суд рекоа дека по првпат од своето постоење го применуваат овој механизам за извршување на одлуките, кој им овозможува заштита на сопствените одлуки. Оттаму наведоа дека случаите како тој на Стојановска треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот и дополнија дека во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено практика да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.
По ваквата одлука на Уставниот суд со реакции излегоа адвокати кои сметаат дека станува збор за опасен чекор и создавање амбиент на вина кај судија.
Реагираше и членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, за која потегот на Уставен е потенцијално загрижувачки преседан кој отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност.
