Според адвокатот Владимир Туфегџиќ, Уставниот суд однапред создава амбиент на вина и осуда на еден судија
Од адвокатската канцеларија „Давидовиќ-Јанковиќ“, пак, велат дека Уставниот суд се меша во фаза кога постапката по редовните правни лекови не е завршена, што за нив претставува директен притисок

Не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд кој ги алармира Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“, притоа наведувајќи дека тамошните одлуки се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат.
За адвокатот Владимир Туфегџиќ, ваквото соопштение и образложението на одлуката на Уставниот суд веројатно e за да се даде значење на нивните одлуки или нешто слично, но вели – факт е дека е тоа направено во основа лошо.
„Со образложението на ‘уставната’ одлука се прави токму она што е стриктно забрането согласно праксата на ЕСЧП, однапред се создава амбиент на вина и осуда на еден судија. Очекував во најмала рака Уставниот суд токму поради овој предмет и одлука, наместо барање кривична одговорност на судија, да укаже за потребата судовите и Академијата за судии и јавни обвинители да спроведат обука и едукација на судиите токму поради правилна примена на одлуките на Уставниот суд и воспоставување на воедначена судска пракса во иднина. Наместо во институциите, дебатата се префрла како по обичај на ниво на ФБ дискусија што е подеднакво лошо како и содржината на соопштението и образложението на одлуката на Уставниот суд“,
наведува Туфегџиќ.
Тој вели дека е создадена практика за игнорирање на одлуките на највисоките одлуки, со тоа што, на пример, работите се поставени така што одлуките на Врховниот суд не се задолжителни за пониските судови.
„Праксата на непочитување и игнорирање на одлуките на највисоките судови ние самите ја воспоставивме со тоа што ги поставивме работите дека одлуките на Врховниот суд не се задолжителни за пониските судови. Со ваквиот пристап се создаде амбиент дека за исто правно прашање за кое Врховниот суд веќе одлучувал, секој во склад со актуелната политичката клима и амбиент има различен пристап и толкување, само за да се задоволи претходно создадениот амбиент на вина и осуда во јавноста и моментно одредена форма во одредено време, а се заради остварување на одредени цели и интереси. Да не се заборави одлуката за подигнатите обвиненија на СЈО по истекот на рокот од 18 месеци, никој не ја есапеше одлуката на Врховен и никој не понесе одговорност. Сè на сè, институциите треба да воспостават владеење на правото кое важи еднакво за сите, доколку тоа не се случи нас ни останува да си помуабетиме на ФБ сами со себе и да се надеваме дека ќе дојдат подобри и рамноправни времиња“,
наведува Туфегџиќ.

Од адвокатската канцеларија „Давидовиќ-Јанковиќ“ велат дека одлуката на Уставниот суд е институционален крик и обид за конструкција на некаков уставно-судски авторитет на терен каде што позитивното право едноставно не му го дава тоа.
„Анализирано низ строго формално-правна димензија, Уставниот суд со овој потег прави опасен чекор кон пречекорување на своите уставни надлежности и отворено се обидува да се наметне над редовното судство, преземајќи улога на над-судски орган кој дели директиви и се заканува со кривични пријави за правни сфаќања донесени во законски предвидена судска постапка. Во континенталниот правен систем на Македонија, судијата суди врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а не врз основа на судски прецеденти или соопштенија од Уставниот суд. Членот 392 од Законот за парничната постапка содржи децидна, таксативно наведена листа на основи за повторување на правосилно завршена постапка. Во таа процесна норма не постои, ниту пак некогаш постоела, одлука на Уставниот суд како основ за повторување на граѓански спор“,
велат оттаму.
Адвокатите наведуваат дека за разлика од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои законодавецот изречно ги вградил во Законот за парнична постапка како формална основа, уставните одлуки ја немаат таа процесна патека.
„Кога судијата од Основниот граѓански суд Скопје го отфрлил предлогот за повторување, тој постапил строго според буквата на процесниот закон, оценувајќи дека правно толкување на Уставниот суд донесено ex post facto не може насила да се подведе под категоријата ‘нов факт или нов доказ’. Тоа е судиско сфаќање, донесено во рамките на независното судиско одлучување кое е децидно заштитено и со Уставот и со Законот за судовите. Очигледно се занемарува основната законска и уставна гаранција дека судијата не може да биде повикан на кривична или дисциплинска одговорност, ниту пак да биде разрешен за искажано мислење, заземен правен став или донесена одлука при вршењето на судската функција. Овој функционален имунитет е темелот на судската независност“,
велат од адвокатското друштво.
За нив, судијата го толкува законитото право во конкретниот предмет, а не желбите на Уставниот суд. Велат и дека повикувањето на Уставниот суд на некаква „воспоставена пракса“ во истиот тој Основен граѓански суд е правно неосновано и суштински манипулативно бидејќи кај нас прецедентно право не постои.
„Дополнително, решението на судијата од Граѓанскиот суд воопшто не е правосилен акт, туку првостепен процесен облик против кој странката има законско право на жалба до Апелациониот суд. Мешањето на Уставниот суд во фаза кога постапката по редовните правни лекови не е завршена, претставува директен притисок врз инстанционата контрола што треба да ја извршат повисоките редовни судови“,
се вели во реакцијата на адвокатската канцеларија „Давидовиќ-Јанковиќ“.
За предметот
За потсетување, Уставниот суд во петокот ги алармираше Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка за загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“. Притоа, оттаму напоменаа дека конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат.
Од друга страна, пак, граѓанскиот судија се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка и навел дека одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ. Но, од Уставен тврдат дека ваквите случаи треба да се разгледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, а велат и дека Основниот граѓански суд веќе имал воспоставено пракса да се земаат предвид нивните одлуки кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.
„Уставниот суд оцени дека Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако истите биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд. Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат. Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд“,
наведоа од Уставен.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година.
Подносителката, како акредитиран новинар на телевизијата 24 Вести, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, тврди дека била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, како и дека притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.
Јошевска-Анастасовска: Одлуката на Уставниот суд допира и прашања на можен институционален притисок
По одлуката на Уставниот суд претходно реагираше и Сузана Јошевска-Анастасовска, која е членка на Судскиот совет.
За неа, потегот на Уставен е потенцијално загрижувачки преседан.
„Испраќањето одлука на Уставниот суд до Судскиот совет ‘за понатамошно постапување’, во која толкување на процесен закон од страна на редовен судија, во сè уште незавршена постапка, се квалификува како ‘неизвршување на одлука на Уставен суд’, со имплицирање на кривична одговорност, според мое лично мислење, отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност. Би рекла дека допира и прашања на можен институционален притисок. Не се работи за конкретен предмет и за конкретен судија туку на воспоставување на потенцијално загрижувачки преседан. Дотолку повеќе што непрецизната формулација ‘за понатамошно постапување’ и тоа во нејзиниот задолжителен диспозитив создава дилема дали е избран правно адекватен модел на институционална комуникација меѓу овие два уставни органи“,
објави на Фејсбук Јошевска-Анастасовска и посочи дека изнесува личен став.
