Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираат поради онлајн заканите и повици за физичко насилство кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов
Во дел од коментарите на социјалните мрежи се повикува на физичка пресметка со Ризаов, а се шират и пораки за негова елиминација. АВМУ, поради тоа, смета дека е потребно надлежните институции соодветно да постапат во рамките на своите законски овластувања.
Агенцијата потсетува дека новинарите мора да имаат услови слободно и непречено да ја извршуваат својата работа, без закани, заплашување и притисоци. АВМУ предупредува дека создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите стануваат дел од јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување.

„Заканите за физичко насилство, повиците за нанесување повреда или одземање живот, како и ширењето нетрпеливост и навреди врз етничка основа, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се релативизираат или нормализираат“,
порачуваат од АВМУ.
Од Агенцијата апелираат за одговорно користење на јавниот простор и почитување на достоинството, безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите, како предуслови за слободно, независно и плуралистичко медиумско опкружување.
За овој случај реагираше и Здружението на новинарите на Македонија и побара преземање мерки по заканите за живот кон Ризаов.

„ЗНМ упати ургенција до МВР, со барање случајот да биде детално проверен. Особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт“,
соопштија од Здружението.
Реакција стигна и од опозицискиот СДСМ, од каде што бараат МВР и Јавното обвинителство итно да постапат и да ги идентификуваат профилите од кои се упатени заканите. Целиот случај социјалдемократите го поврзуват со, како што велат, атмосферата на политички поделби и говор на омраза што ја создава власта предводена од премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Заканите по животот на Ризаов се реакција на неговата колумна „Додека умира надежта за поубаво утре“ во која тој го критикуваше говорот на премиерот Мицкоски од Пелинце на одбележувањето на Илинден.
