Се соочуваме со нова ситуација за сите нас и само со заедничка работа, надминувајќи ги националните граници, партиските и други поделби, и со соработка меѓу приватниот, невладиниот и јавниот сектор, можеме да се надеваме на успешно запирање на вирусот и евентуално пронаоѓање вакцина, порачува американската амбасадорка Кејт Мари Брнс во отвореното писмо до граѓаните на Македонија.
Амбасадорката Брнс посочува дека светот се соочува со фундаментални предизвици по животот кои биле незамисливи пред само шест месеци.
„Луѓето на нашите две земји, заедно со сите други држави погодени од ова, се здружени во тагата кон починатите, грижата за заболените и внимателните очекувања за евентуално враќање на нормалниот, секојдневен живот. Трогната сум од изјавите на сочувство што ми беа пренесени овде за жртвите во мојата земја. Во нашите мисли сме заедно со сите во Северна Македонија што ги загубија саканите и испраќаме желби за брзо заздравување на заболените од овој вирус“,
нагласува Брнс во отвореното писмо.
Таа оддава признание за работата на Владата за начинот на кој се справува со кризата и истакнува дека постојано гледа знаци на надеж и добрина.
„Ме охрабруваат секојдневните изрази на емпатија насекаде околу нас: на соседот кој им помага на постарите, на итните служби и на здравствените работници кои со сочувство се грижат за заболените, на продавачите, на возачите на камиони, на аптекарите и на многу други, кои продолжуваат да работат за нашите животи да продолжат колку што е можно нормално во овие неизвесни времиња“,
вели Брнс.
Сепак, таа смета дека од ограничувањата во секојдневниот живот можат да се научат нови работи, нови начини на комуникација и поврзување во време на социјално дистанцирање.
„Ова не беа лесни промени за кој било од нас, но сите ја разбираме потребата за заедничка пожртвуваност за да ги заштитиме најранливите и да ја израмниме кривата“,
нагласува американската амбасадорка.
Помошта е израз на пријателство
Во отвореното писмо, американската амбасадорка го истакнува придонесот на САД заедно со другите земји за да и помогнат на нашата влада за справување со кризата.
„Минатата недела имав задоволство да најавам грантови во вредност од 1,1 милион долари за Светската здравствена организација и за УНИЦЕФ, за борба против ковид-19 во Северна Македонија. Овие фондови ќе се искористат да им се помогне на државните лаборатории за масовно тестирање, за обука и опремување на тимови за брза интервенција за истражување на позитивните случаи и за спроведување на анкети за следење на контактите, за помош за спроведување на скрининг на граничните премини, и за јакнење на комуникацијата со маргинализираните заедници кои би биле најранливи во случај на масовно ширење на заразата“,
вели Брнс во писмото.
Но, посочува дека оваа помош не е само од американската влада, туку и од американските невладини организации, приватните фондации и универзитетите кои, како што вели, се едни од најголемите помагачи во светот.
„На пример, Универзитетот Браун и Проектот ХОПЕ неодамна завршија со онлајн-обука против ковид-19 за 40 лекари и медицински персонал од Северна Македонија. Овие медицински лица го пренесуваат тоа што го научиле и обучуваат други низ целата земја, помагајќи да се зголеми знаењето и вештините на здравствените работници кои се на првите линии на справувањето со болеста“,
вели американската амбасадорка Брнс.
И приватниот сектор, вели таа, е вклучен во справувањето со предизвикот, со компании од целата земја кои даваат сопствен придонес за справување со пандемијата.
„Многу донираа парични средства или заштитна опрема и производи, направија промени во производствените линии или пак ги замрзнаа цените. Некои, како ‘Гугл’ или ‘Епл’, се согласија да го забрзаат процесот на вклучување на корона апликациите. Други компании, како КФЦ, се фокусираа на здравјето на лицата кои се први на удар, како службите за итна помош, на лекарите и медицинскиот персонал, донирајќи здрава храна и оброци“,
посочува во отвореното писмо американската амбасадорка.
Ваквиот ангажман, истакнува Брнс, не е ништо ново и е граден повеќе од две децении преку американски инвестиции и поддршка за здравствените системи и системите за управување со кризи во Северна Македонија, за што досега се обезбедени над 11 милиони американски долари за здравствениот сектор, дел од вкупната помош од над 730 милиони американски долари, како и финансиската помош за реновирањето на националната лабораторија, која сега ги обработува повеќето тестови за ковид-19.
Брнс на крајот заклучува дека претстои многу работа откако ќе заврши оваа закана и во тоа САД ќе останат наш постојан партнер.
„Мојот тим и јас веќе размислуваме за она што ќе следи и како да помагаме за работите да се вратат во нормала. Среде оваа криза, вашата земја официјално се приклучи кон НАТО и доби покана да ги започне преговорите за членство во Европската унија, две достигнувања за кои работевте со децении. Уверена сум дека од ова искуство ќе излеземе посилни, нашето партнерство ќе биде подлабоко, и заедно ќе можеме да градиме нови можности за да помогнеме да ги реализирате вашите аспирации за силна, динамична и отпорна иднина“,
пишува во отвореното писмо од американската амбасадорка Брнс до граѓаните на Македонија.
*Поврзани вести
САД донираа заштитна опрема за нашите здравствени работници
УСАИД и УНИЦЕФ донираа пакети – помош за ранливите семејства поради кризата со ковид-19
САД ѝ донираат на Македонија 1,1 милион долари за борба против коронавирусот