УСАИД и УНИЦЕФ обезбедија 2 350 пакети и хигиенски производи кои ќе бидат дистрибуирани за семејствата во државава како помош во услови на криза предизвикана од коронавирусот.
Од нив 1 000 пакети се за семејства во Шуто Оризари, 500 пакети за семејствата од населбата Тризла во Прилеп, 500 пакети за семејствата од Бајро во Битола, 250 пакети за семејствата од населбата Керамидница во Гостивар и 100 пакети за семејствата од населбата Црник во Делчево.
„Сакам да ја изразам мојата, и благодарноста на Владата, во име на народот до УСАИД и УНИЦЕФ за нивната помош во напорите на државата да одговори на ковид-19. Посебно признание сакам да изразам до сите волонтери на Црвениот крст, коишто се максимално посветени и вклучени во справувањето со оваа здравствена криза. За семејствата кои живеат во супстандардни услови подготвени се пакети со хигиенски и заштитни средства и тие ќе се дистрибуираат во соработка со тимовите на Црвен крст“,
изјави премиерот Оливер Спасовски којзаедно со амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнс го посетија дистрибутивниот центар на Црвениот крст во Момин Поток.
Соединетите американски држави преку грант од УСАИД одвоија 1,1 милион американски долари во напорите за борба против ковид-19 во земјава. Од вкупната сума, 500 илјади долари се наменети за поддршка на напорите на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) кој ќе помогне во запирање на натамошното пренесување на ковид-19 во земјата и во намалување на ефектите од пандемијата врз семејствата и децата, со фокус врз најранливите граѓани.
„Во име на Соединетите држави, сакам да оддадам признание на тимот УНИЦЕФ што ги зајакнува напорите на партнерите во нашата земјата за запирање на ширењето на овој вирус и грижата за најпогодените, кои се погодени не само физички, туку и социјално и емоционално“,
рече амбасадорката Брнс.
Средствата ќе се искористат за јакнење на комуникацијата со граѓаните и вклучувањето на заедниците од најголем ризик, преку пораки според возраста и полот за да се спречи ширењето на ковид-19, психо-социјална поддршка и упатства за родителите и старателите како и обезбедување неопходни хигиенски и други материјали потребни за заштита од коронавирусот, вклучувајќи сапун, детергенти и прибор за хигиена за центрите на изолација.
„Пандемијата претставува екстремен предизвик, кој уште повеќе ги зголемува секојдневните проблеми. Горди сме што соработуваме со многу партнери кои неуморно работат за да им го олеснат животот на сите и за да ја пребродиме оваа криза заедно, особено насочувајќи се кон најранливите во нашата заедница“,
истакна Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.