САД ни донираа заштитна медицинска опрема за борба против ковид-19, која се состои од различна заштитна облека – маски, заштитни костуми и друго, наменети за лекарите, за епидемиолозите и останатите здравствени работници.
Донацијата која ја предаде американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнс, ја примија вицепремиерот Бујар Османи во улога на национален координатор за распределба на странска помош во земјава и министерот за здравство, Венко Филипче.
„Оваа опрема им се става на располагање на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје, на кои секако им е најпотребна, имајќи предвид дека опремата ќе ја користат медицинските лица кои се првата одбрана на земјата од епидемијата“,
истакна Османи, при што изрази благодарност до САД и до амбасадорката Брнс за помошта и поддршката во борбата против коронавирусот, со која, како што рече, на дело демонстрираат солидарност и пријателството со нашата земја.
Министерот Филипче, исто така, се заблагодари до американската амбасадорка за донацијата, која, како што рече, во овие моменти е неопходна за справувањето со коронавирусот во земјава.
Донацијата од заштитна опрема за здравствените работници ќе им помогне во заштита на нивното здравје во време при извршувањето на работните обврски, рече Филипче.