Мохсен Резаи, воен советник на врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави дека преговорите се наоѓаат во застој и дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да најде решение за надминување на ќорсокакот
Во интервјуто, Резаи понуди увид во размислувањата во највисоките ирански политички и безбедносни кругови за повоената визија на земјата, иднината на Ормускиот Теснец и можните чекори што Техеран би ги презел во случај на нов напад
Како припадник на старата гарда на Исламска револуционерна гарда, тој учествувал во Иранско-ирачката војна и ги водел овие сили од 1981 до 1997 година, придонесувајќи за нивното претворање во една од најмоќните институции на Исламската Република Иран
Потенцијалниот мировен договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) зависи од одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства, изјави високиот ирански функционер Мохсен Резаи во интервју за Си-Ен-Ен.

Резаи, кој е воен советник на врховниот лидер на Иран, оцени дека разговорите меѓу двете земји се наоѓаат во застој и дека Вашингтон треба да преземе чекор за да се врати довербата.
„Преговорите се во ќорсокак и Трамп мора да го прекине тоа. Топката е во неговиот двор“,
рече тој.
Според него, Техеран бара ослободување на 12 милијарди долари веднаш по потпишувањето на привремен договор, а дополнителни 12 милијарди долари во подоцнежна фаза.
Посочи дека станува збор за ирански средства и дека нивното одмрзнување би претставувало важен тест за довербата меѓу двете земји.
„Доколку тој (Трамп) сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари се тест за доверба што Иран сака да го воспостави со него. Тоа е тест што Америка мора да го помине, по што патот ќе биде отворен. Тоа се наши пари, а не на Америка“,
вели Резаи.
Американските власти, пак, стравуваат дека евентуалното ослободување на средствата би можело да го намали притисокот врз иранскиот режим и да ја ослаби американската преговарачка позиција.
Во интервјуто, Резаи предупреди дека евентуално продолжување на воениот конфликт би можело да доведе до негово проширување надвор од Персискиот Залив.
Според него, Иран би можел да ги прошири воените операции кон Индискиот Океан, теснецот Баб ел-Мандеб, Црвеното и Средоземното Море, како и да таргетира дополнителни американски воени бази во регионот.
„Доколку САД ја продолжат војната, конфликтот ќе добие нова димензија со напаѓање на други американски бази, покрај оние што веќе ги нападнавме“,
предупреди Резаи, додавајќи дека веројатноста за нова војна е мала.
Ги отфрли и шпекулациите за можна средба меѓу Трамп и врховниот лидер на Иран, наведувајќи дека такво нешто во моментов не е реално поради застојот во преговорите.
„Тоа нема да се случи. Моментално сме во првата фаза од преговорите, а Трамп ги доведе тие преговори во застој. Средбата нема да се одржи’,
додаде тој.
Резаи повторно го истакна ставот на Техеран дека Иран и Оман имаат право заеднички да управуваат со Ормускиот Теснец – еден од најважните светски енергетски коридори низ кој минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и течен природен гас.
Резаи порача дека доколку преговорите пропаднат, Иран е подготвен и за поголема воена интервенција на негова територија.
„Тогаш светот ќе ги види вистинските способности на Иран, бидејќи нашата копнена воена моќ е многукратно поголема од нашите ракетни капацитети“,
вели Резаи.
Актуелниот конфликт го оцени како историски успех за Исламската Република, тврдејќи дека ова е првпат во 47-годишната историја на Иран по Исламската револуција земјата да излезе како победник од воен судир.
„Ова е првпат Иран да излезе како победник од војна, додека во претходните конфликти секогаш бил поразуван“,
заклучи тој.
