Од ЦЕНТКОМ велат и дека во операцијата нема повредени американски војници. Ќе продолжат да ги штитат американските сили и интереси како одговор на, како што се вели во соопштението, неиспровоцираната иранска агресија за време на тековното примирје
ИРГЦ соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале воздухопловна база која е искористена во американскиот напад врз телекомуникациската кула на островот Сирик
Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, Трамп ги критикува своите политички противници, но и дел од републиканците, обвинувајќи ги дека со постојаните коментари му го отежнуваат процесот на преговори
Американската војска потврди дека извршила нови воздушни напади врз цели во Иран, оценувајќи дека станува збор за одбранбена акција преземена како одговор на неодамнешното соборување на американско беспилотно летало.

Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) соопшти дека американските сили во текот на викендот извршија одбранбени напади врз ирански командни центри за радари и беспилотни летала во местото Горук и на островот Кешм.
Според соопштението на ЦЕНТКОМ објавено на социјалната мрежа Икс, нападите се изведени како одговор на агресивни активности на Иран, меѓу кои и соборувањето на американскиот дрон MQ-1 над меѓународни води.
„Американските борбени авиони брзо реагираа и уништија ирански системи за воздушна одбрана, копнена контролна станица и два еднонасочни нападни дрона што претставуваа закана за бродовите што пловеа во регионалните води“,
се вели во соопштението.
Од ЦЕНТКОМ велат и дека во операцијата нема повредени американски војници.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да ги штитат американските сили и интереси како одговор на, како што се вели во соопштението, неиспровоцираната иранска агресија за време на тековното примирје.
— U.S. Central Command (@CENTCOM) June 1, 2026
Во меѓувреме, Командата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале воздухопловна база која е искористена во американскиот напад врз телекомуникациската кула на островот Сирик.
Последните напади претставуваат трето посериозно нарушување на примирјето меѓу САД и Иран, кое беше договорено на почетокот на април. Во претходните два инцидента, и Вашингтон и Техеран настојуваа да го намалат значењето на меѓусебните воени дејствија, овозможувајќи договорениот прекин на огнот формално да остане во сила.
Најновата ескалација се случува во време кога се водат интензивни, но засега безуспешни дипломатски напори меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и иранското раководство.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран има интерес да постигне договор со САД, оценувајќи дека тоа би било од корист и за Вашингтон и за неговите сојузници.
Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, Трамп ги критикува своите политички противници, но и дел од републиканците, обвинувајќи ги дека со постојаните коментари му го отежнуваат процесот на преговори.
„Иран навистина сака да склучи договор, и тој ќе биде добар за САД и за оние што се со нас“,
напиша Трамп, додавајќи дека различните политички пораки за тоа дали треба да се забрзаат или забават преговорите, како и повиците за воена акција или воздржаност, создаваат дополнителни предизвици.
Порача дека има доверба во исходот од процесот и ги повика критичарите да покажат трпение.
„Само седнете и опуштете се, на крајот сè ќе испадне добро – секогаш е така“,
рече тој.
Во изминатите недели двете страни се обидуваа да постигнат траен прекин на огнот и договор за безбедно и непречено одвивање на трговскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, една од најзначајните светски поморски рути за транспорт на нафта.
Сепак, најновите судири дополнително ги усложнуваат напорите за продолжување на преговорите и отвораат нови сомнежи околу можноста за постигнување долгорочен договор.
