Во рамки на операцијата, САД соборија четири ирански нападни беспилотни летала, а американските сили погодија и иранска копнена контролна станица во Бандар Абас, од каде што, според Вашингтон, требаше да биде лансиран и петти дрон
Од друга страна, Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) соопшти дека извела напад врз американска воздухопловна база, која, според тамошните претставници, е извор на денешните американски напади врз ирански цели
Американската војска изврши нови напади во Иран, насочени кон локации во близина на Ормускиот Tеснец кои, како што пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на американски официјален претставник, претставувале закана за силите на Соединетите Американски Држави (САД) и трговскиот поморски сообраќај.

Во рамки на операцијата, САД соборија четири ирански нападни беспилотни летала, а американските сили погодија и иранска копнена контролна станица во Бандар Абас, од каде што, според Вашингтон, требаше да биде лансиран и петти дрон.
„Овие акции се одмерени, чисто одбранбени и наменети за одржување на прекинот на огнот“,
изјавил американскиот претставник, пренесува Си-ен-ен.
Од друга страна, Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) соопшти дека извела напад врз американска воздухопловна база, која, според тамошните претставници, е извор на денешните американски напади врз ирански цели.
ИРГК не откри која американска база е цел на нападот. САД располагаат со повеќе воздухопловни бази низ Блискиот Исток.
Според иранската новинска агенција Фарс, која го цитира соопштението на канцеларијата за односи со јавноста на ИРГК, нападот бил извршен утрово во 4:50 часот по локално време.
„По агресијата извршена во зори од страна на американската војска врз локација на периферијата на аеродромот Бандар Абас, воздухопловната база идентификувана како извор на нападот беше цел на нашите сили“,
се наведува во соопштението на ИРКГ.
Оттаму порачаа дека нивниот одговор претставува сериозно предупредување до САД и нагласија дека агресијата нема да остане без одговор.
Во исто време, кувајтската армија соопшти дека нејзината воздушна одбрана пресретнала непријателски беспилотни летала и ракети, без да го наведе нивното потекло.
Во текот на ноќта, три експлозии одекнаа источно од Бандар Абас, стратешки ирански пристанишен град и поморска база во близина на Ормускиот Теснец.
Американски претставник потврди дека американската војска погодила иранска контролна станица на копно во Бандар Абас, која наводно требало да лансира уште едно беспилотно летало.
Пред два дена американските сили извршија напад врз јужен Иран, што беше прв ваков напад по прекинот на огнот на 8 април.
Цел на нападите беа ирански ракетни позиции и бродови кои наводно се обидувале да постават мини во Ормускиот Tеснец.
Од Централната команда на САД соопштија дека нападите биле извршени во рамки на „самоодбрана“ и имале цел да ја заштитат американската војска од заканите што ги претставуваат иранските сили.
