Според него, јавните критики од демократите и дел од републиканците негативно влијаат врз преговарачкиот процес со Иран
На своите критичари им порача да бидат опуштени оти на крајот сè ќе испадне добро
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран е заинтересиран за постигнување договор со Соединетите Американски Држави (САД), истовремено упатувајќи остри критики кон своите политички противници кои, според него, ги отежнуваат напорите за преговори со Техеран.

Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп напиша дека Иран навистина сака да постигне договор, оценувајќи дека јавните критики од демократите и дел од републиканците негативно влијаат врз преговарачкиот процес.
„Иран навистина сака да склучи договор, и тој ќе биде добар за САД и за оние што се со нас. Но, не разбираат ли демократите и разните навидум непатриотски републиканци дека ми е многу потешко да си ја работам работата и да преговарам, кога политичките хакери постојано испраќаат негативни пораки за тоа дали треба да се движам побрзо, или побавно, да одам во војна, или да не или за што и да е“,
напиша тој на Трут соушл.
На своите критичари им порача да бидат опуштени оти на крајот сè ќе испадне добро.
„Само седнете и опуштете се, на крајот сè ќе испадне добро – секогаш е така!“,
додаде тој.
Претходно, Централната команда на американската армија (ЦЕНТЦОМ) официјално потврди дека спровела нови воздушни напади врз цели во Иран, оценувајќи дека станува збор за одбранбена акција преземена како одговор на неодамнешното соборување на американско беспилотно летало.
Во текот на викендот извршија одбранбени напади врз ирански командни центри за радари и беспилотни летала во местото Горук и на островот Кешм.
Во меѓувреме, Командата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале воздухопловна база која е искористена во американскиот напад врз телекомуникациската кула на островот Сирик.
