Урнати се околу една третина од столбовите на објектот и јасно е дека ниту денеска, а можеби ниту утре, работата нема да биде завршена. Продолжува и „војната“ на зборови – градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели „да не се правиме на Тошо“ дека објектот е легален, а министерот за транспорт Благој Бочварски нема јасен став дали Владата ќе руши дивоградби и во други општини
Постојаните удари и потреси кои се слушаат, но и чувствуваат во зградите околу ТЦ „Мавровка“ значат само едно нешто за тие што живеат и работат во околината – нелегалниот објект на местото на кафе „Фонтана“ и понатаму се руши.
Така е веќе втор ден. Вчера работите почнаа околу 10 часот со една машина. Попладнето стигна „засилување“, еден багер. Работеа додека има сонце и успеаја да срушат околу една четвртина од објектот.
Напредокот, на терен, и денеска оди тешко. Урнати се околу една третина од столбовите на објектот и јасно е дека ниту денеска, а можеби ниту утре, работата нема да биде завршена. Освен двете машини кои прво го соголуваат бетонот од столбовите, а потоа ја кинат и арматурата, на терен се и повеќе работници кои го сечат металот на помали парчиња.





Во околината речиси и да нема новинарски екипи, за разлика од вчера кога безмалку сите медиуми останаа на сонцето до доцна попладнето. Нема ниту толку полицајци и полициски возила. Се чини дека и полицијата и новинарите процениле дека нема голем ризик од инциденти.
Да не се правиме „на Тошо“
За објектот и денеска продолжи „војната“ со зборови. Нови „истрели“ стигнаа од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој реагираше на вчерашната прес-конференција на инвеститорот и сопственик на „Фонтана“, Мевљудин Алити, дека објектот се градел легално и дека е само реконструкција на кафулето кое изгоре во пожар.
Градскиот татко вели дека е точно дека Алити легализирал дел од објектот на крајот на 2019 година, но тој дел се наоѓа во Трговскиот центар, а не надвор од него каде е и дивоградбата.

„Таму е легализиран објект кој беше долго време во сутеренски простории. Да не се правиме сега, народски кажано, на Тошо и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација, за што сопственикот платил надоместок, е ова што се руши. Во секој случај, рушењето е позаконито од дивоградбата“,
рече Шилегов.
Ќе прати ли Владата багери и во други општини?
Одлуката на Владата да интервенира во рушењето на дивоградбата во Чаир, секако, е и политичка порака. Но, затоа веднаш доаѓа и логичното прашање – дали отсега извршната власт ќе праќа багери во сите општини каде не се рушат дивоградбите?
„Чест“ да одговори на вакво новинарско прашање доби новиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој дојде на функцијата токму од градоначалничка фотелја. Изговорените реченици не пренесоа и јасен став.
„Досега општините не побарале ваква поддршка од Владата. Но, важно е дека треба сите овие вакви состојби да се надминуваат, бидејќи градоначалниците имаат сериозни овластувања во овој дел и треба, секако, да ги реализираат. Се работи за правда, за правичност“,
изјави Бочварски.
Колку што е познато во јавноста, општината Чаир во ниту еден момент не побара помош од Владата за рушење на дивоградбата кај ТЦ “Мавровка”. Ама, на пример, такво нешто минатата година бараше Охрид. Владата не прати багери во градот за да го заштити статусот пред УНЕСКО иако помогна со делумна парична помош за општината да може да го почне процесот на отстранување на дивоградбите.
Прашањето или логичната дилема, дали Владата сега ќе испраќа багери секаде каде што има дивоградби, одлучи да го искористи и опозицијата. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кажа дека очекува Владата да остане доследна на принципот и да ги сруши и другите „познати“ дивоградби.
Но, во исто време, опозицијата си „пукаше“ во нога, бидејќи за пример на несрушена дивоградба го избраа објектот спроти американската амбасада изграден токму кога тие беа на власт – и во Скопје, а го водеа и Министерството за транспорт и врски. Згора на се, во објавените бомби има и разговор меѓу Али Ахмети и Никола Груевски уште додека објектот беше во изградба, што сугерира дека во ВМРО-ДПМНЕ знаеле за дивоградбата, а не презеле ништо.
Па, сепак, Стоилковски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ очекува објектот да се сруши.

„Според информациите, објектот зад мене е дивоградба која со години функционира, а за фактот дека е бесправно изграден објект познато е дека знаат и Зоран Заев и Али Ахмети, а знаат и во Јавното обвинителството! Доколку СДСМ и ДУИ се согласиле на ваков начин, со евтин театар, справување со дивоградбите, централната власт бесплатно да руши бесправни објекти, тогаш очекуваме коалицијата СДСМ и ДУИ на ист начин да го истретираат и овој објект, зад кој стои висок функционер на ДУИ. Исто така, очекуваме ЈО конечно да поведе постапка и за инвеститорот на овој диво изграден објект“,
изјави Стоилковски.
Ставот на СДСМ е дека рушењето на дивоградбата кај “Мавровка” е потврда дека покажуваат посветеност на правната држава и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.

„Уривањето на дивоградбата кај ‘Мавровка’, по донесената одлука на првата седница на Владата само потврдува дека СДСМ ги преточува во реалност заложбите дадени пред граѓаните – правда во оваа држава има и ќе има. Законот важи за сите подеднакво и секој што се огрешил пред него одговара“,
велат од СДСМ.
Нема да помине многу време пред да се види дали законот навистина ќе почне да важи за сите. Иако се уште тврдоглаво се држи, прашање на денови е кога ќе „падне“ дивоградбата кај “Мавровка”. Тогаш ќе се ослободат и двете машини на „Македонија пат“, а само во новинарските прилози има стотици објекти на листата на „чекање“ – од викендички во Тетово до хотели во Охрид.