Сопственикот на објектот кај трговскиот центар „Мавровка“, Мевљудин Алити, тврди дека имал одобрение за обнова на локалот каде беше сместено кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар.
Според него, во случај кога има одобрение за обнова не било важно со каков материјал ќе се обнови објектот, само да не излегува од постоечката површина.
„Не се точни информациите дека не сум бил достапен за полицијата. Првиот ден кога дојдоа од финансиски криминал им ги дадов документите за објектот. Лани најдов проектил од рачен фрлач во објектот, оваа година ми го запалија. Еве 50 дена не знам кои се причините. Човекот што го сака мојот објект нека се јави, да не се мачиме вака. Градам со елаборат и проект. Но очигледно законите и процедурите не се доволни. Само со комуналии и даноци сум платил 4,7 милиони денари за легализација. Политиката рушеше порано и ќе руши и сега“,
изјави Алити.
Тој со својот адвокат излезе пред новинарите, кои беа присутни на местото каде што во моментот се руши објектот, го презентираше проектот и тврди дека не било во план да се крева втор кат, а и обвини дека рушењето е поради политички причини.
Вчера МВР поднесе кривична пријава за овој случај против едно лице за бесправно градење, кое според иницијалите М.А., упатува на сопственикот кој денеска се појави пред новинарите.
Случајот вчера беше тема и на првата седница на новата влада од каде што препорачаа Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.