Единица за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.А. (34) за дивоградбата кај „Мавровка“.
Како што соопшти МВР, Единицата за економски и компјутерски криминал во координација со скопското ОЈО презеле соодветни мерки и активности за утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,,бесправно градење” од КЗ. По целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава.
Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци предизвикува внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот што почна да се гради веднаш по пожарот во кој изгоре кафулето „Фонтана“, а потоа и тендерите за уривање на дивоградбата што ги распиша Општина Чаир на кои никој не се пријави.
Истражувачката репортерска лабораторија минатата недела во истражување врз основа на документи од Централниот регистар и Катастарот, објави дека како сопственик на фирмата која стоела зад кафуелтот „Фонтана“ и на парцелата на која се гради стои името на ист човек- Мевлудин Алити, чии иницијали пак, се совпаѓаат со оние на лицето против кое денеска е поднесена кривична пријава.
Во контактот со ИРЛ, Алити прво тврдел дека нема врска со објекот, потоа дека е погрешен бројот и на крај не одговарал на повиците на новинарите.
Коментирајќи ја дивоградбата, премиерот Зоран Заев денеска најави дека Владата ќе донесе одлуки за да ѝ помогне на Општина Чаир за брзо време да го урне објектот, откако и на вториот распишан тендер за негово отстранување не се пријави ниту една фирма.
Претходно, на 23 јули, Градежниот инспектор од Општина Чаир донел одлука за уривање на објектот што се гради на местото на изгореното кафуле „Фонтана“, но општината не можела да го најде ниту инвеститорот ниту изведувачот на градежните работи, па затоа решението се доставува на непознат сторител.
Откако рокот од осум дена истече за непознатиот сторител сам да ја урне дивоградбата, општината почна да бара фирма за рушење.