Град Скопје го обелодени проблемот со дивоградбата кај Мавровка, преземајќи ги сите надлежности и мерки, но, сега останува на општина Чаир да го урне објектот, изјави градоначалникот Петре Шилегов.
„Ние ги направивме сите чекори. Сега останува на Општина Чаир да изнајде начин, модалитет, за рушење на дивоградбата во центарот на градот. Единственото решение би било градежните инспекторати од општините да се префрлат на градот. Тоа ќе го оневозможи градежното дивеење во Скопје. Зошто да не, на крајот на денот и Државниот градежен инспекторат да преземе одредени активности и ингеренции со кои би се отстранил објектот“,
изјави Шилегов.
Во меѓувреме, Општина Чаир најави дека ќе понуди повеќе пари на третиот тендер што ќе го распише за избор на фирма која ќе ги урива дивоградбите на нејзина територија, вклучително и онаа пред трговскиот центар Мавровка. Ваквата одлука, сметаат од општината е мотивација за фирмите да се пријават, откако ниту една не се пријави на претходните два јавни повици кога беа понудени еден милион денари за вршење на вакви услуги.