За брзо време ќе почнат активности на терен за отстранување на дивоградбата кај „Мавровка“, најави денеска премиерот Зоран Заев.
„Денеска заедно со правните служби ги разгледавме сите модалитети на многу прашања, а едно од нив е и објектот кај ‘Мавровка’, проблем кој пркоси во центарот на Северна Македонија и Скопје и еден пркос за кој со право граѓаните реагираа. Денеска ќе донесеме конкретни одлуки не би сакал однапред да ги кажам бидејќи одлуки носи Владата, а не премиерот“,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по настанот за одбележување една година од работењето на Агенцијата за национална безбедност.
Тој рече дека се оформени правните постапки за тоа како треба Владата да пристапи за да излезе во пресрет и да ѝ биде од помош на Општина Чаир.
„Општина Чаир има записник и решение, но нема компанија да го изврши решението, односно да ги спроведе работите за отстранување на објектот кој не е согласно законска документација. Штом ќе ја донесеме одлуката, ќе ја објавиме и верувам дека многу брзо ќе почнат активностите на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред очите на целата јавност“,
истакна Заев.