Премиерот посочи дека новиот модел ќе предвидува значително повисок износ за студентски оброк, а студентите ќе можат да остваруваат и дополнителни попусти во одредени стопански субјекти откако ќе ги искористат средствата
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека новото решение за студентскиот оброк, кое ќе овозможи повисок износ на средства и дополнителни попусти, треба да започне да се применува од почетокот на новата академска година.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката по барањата на студентите за зголемување на средствата за оброк, Мицкоски рече дека Владата разговарала со нивните легитимни претставници и веќе понудила решение, на кое добила одговор од студентите.
Посочи дека во моментов се работи на доработка на моделот, за чие спроведување се потребни софтверски интервенции и интеграција во платформата „М-услуги“.
„Тоа решение цениме дека, бидејќи бара софтверски интервенции, да биде дел од ‘М-услуги’ платформата и така натаму, со новата академска година да започне да се применува“,
кажа тој.
Според него, новиот модел ќе предвидува значително повисок износ за студентски оброк, а студентите ќе можат да остваруваат и дополнителни попусти во одредени стопански субјекти откако ќе ги искористат средствата.
Се осврна и на другите активности на Владата во областа на студентскиот стандард. Рече дека е пуштен во употреба еден студентски дом, а до крајот на годината се очекува да биде отворен уште еден.
Дополнително, како што наведе, поделени се околу 50 000 ваучери во вредност од 15 000 денари за набавка на електронски уреди.
Најави и реконструкција и обнова на осум училишни и студентски домови, како и изградба на универзитетски кампуси на неколку универзитети.
