Продолжува уривањето на објектот кај трговскиот центар „Мавровка“ за кој Владата вчера одлучи дека треба да се отстрани како дивоградба.
Утринава јавното претпријатие „Македонија пат“ со своја механизација го започна уривањето на дивоградбата и тоа сè уште трае, а подоцна попладнево донесен беше уште еден багер.
Објектот е на месотот на поранешното кафуле „Фонтана“ кое во мај годинава изгоре целосно во пожар и тоа за време на полициски час.

Со градежна механизација и присуство на полицијата, уривањето трае речиси цел ден откако вчера овој објект беше тема и на првата владина седница.
Владата вчера препорача Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.
„По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“,
информираа од Владата по вчерашната седница.